Коњановски: 14 милиони евра за набавка на земјоделска механизација преку ИПАРД

Од идната година набавката на земјоделска механизација ќе биде составен дел и од ИПАРД Програмата. За оваа намена се проектирани околу 14 милиони евра. Целта е забрзување на модернизацијата и осовременувањето преку зголемување на средствата за поддршка што ќе се одрази врз развојот на македонскиот аграр воопшто, истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски на денешната средба со земјоделците од велешкото село Иванковци.

- Свесни за потребата од дополнителна помош за набавка на механизацијата, изминатиот период разговаравме со претставниците на Европската унија. Од идната година земјоделците ќе може да набавуваат механизација со кофинансирање и преку ИПАРД Програмата. За оваа намена во периодот 2013 – 2016 година се предвидени околу 14 милиони евра, средства што ќе значат дополнителна помош и за развој на земјоделството, рече Коњановски.

Проектираната сума, додаде, ќе може да ја користат земјоделците кои се занимаваат со сточарство, овоштарство и лозарство. Процентот за кофинансирање ќе биде 50 до 55 отсто за младите земјоделци, 60 проценти за земјоделците од планинските подрачја и 65 отсто за младите земјоделци од планински подрачја. Паралелно, Владата во наредните години ќе обезбедува средства за оваа намена и за оние категории производители кои нема да може да аплицираат преку ИПАРД, особено за производителите на житарици и тутунарите.

- Инвестирањето во механизацијата и нејзиното модернизирање е еден од основните фактори за развој на земјоделството. Владата, паралелно со зголемувањето на субвенциите, посветува огромно внимание и на овој сегмент. Партнерски, преку популарната мерка „50-50“, на земјоделците им овозможи набавка на машини по половина цена. Само во последните две години се обезбедени околу четири милиони евра за оваа намена, нагласи Коњановски.

Иванковци е едно од населените места каде земјоделството бележи експанзија, а врз неговиот развој, освен субвенциите, влијание има и поддршката за механизацијата.

За четири години, како што рече заменик министерот, производителите имаат добиено околу 50 трактори и 120 парчиња приклучна механизација што е директна помош за овој крај и уште една успешна приказна за развој на аграрот.

Земјоделците, заблагодарувајќи за владината поддршка, истакнаа дека набавката на механизацијата дополнително ги зголемува нивниот приход и производството за што, посочија, говори и фактот дека секоја година расте бројот на лица кои се занимаваат со земјоделство.

На средбата, заменик министерот информираше и за начинот на аплицирање за легализирање на објектите на земјоделско земјиште, за легализацијата на механизацијата, како и за останатите владини проекти и програми во делот на аграрот. Земјоделците од Велешко изминатите четири години по основ на субвенции добија околу 16 милиони евра државна поддршка, а од 2007 година до сега се доделени 4.756 хекатри државно земјоделско земјиште на 425 корисници.