Заменик-министерот Коњановски ги повика земјоделците да го осигураат родот

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска ги посети селата од атарот на општините Дебрца и Струга што беа погодени од невремето кое завчера го зафати регионот. Притоа се сретна со лозарите и овоштарите од селата Требеништа и Волино, на кои градот им уништи над 50 проценти од годинешниот род.

- Тука сум да се солидаризирам со земјоделците. Од она што го видов може да се заклучи дека за само неколку минути се уништени околу 50 хектари лозови насади и исто толкава површина овоштарници. Апелирам до општината Дебрца што е поскоро можно да ја испрати на терен Комисијата за утврдување на штети и да отпочне постапката за обештетување, рече Коњановски.

Иако, зависно од штетите, Владата ќе им врати на земјоделците средства во висина од десет од 20 проценти од уништените реколти, Коњановски истакна дека тоа не е решение за земјоделците. Тој уште еднаш ја искористи оваа прилика да ги повика сите оние кои обезбедуваат егзистенција од земјоделството, да го осигураат својот труд и род.

- Осигуреното е најсигурно. Ние како Влада излегуваме во пресрет, односно на земјоделците им враќаме 60 отсто од трошоците што тие го извојуваат за осигурување, рече Коњановски, нагласувајќи дека тоа е највисокиот процент што го дава една држава во регионот на Југоисточна Европа.

Во разговорите со земјоделците Коњановски се запозна со нивните проблеми, притоа информирајќи се околу нивните забелешки во врска со семенските препарати, средствата за заштита на растенијата од штетници, како и за вештачкото ѓубрење на почвата.

Тој ги повика замјоделците сите за сите проблеми со кои се соочуваат во работењето да им ги соопштат и на експертите вклучени во проектот „365 дена подвижна канцеларија за земјоделците“ што ќе стартува најдоцна во почетокот на идниот месец.

Тој проект предвидува директна теренска посета и комуникација со земјоделците во местата каде што живеат за задоволување на нивните потреби и интереси. За таа намена се обезбедени осум специјални комби-возила, технички опремени со потребните материјали.