Ѓорѓиев: Два и пол милиони евра за директна поддршка на туризмот

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев


Почитувани,

Туризмот е една од сферите каде што Владата посветува особено внимание и реализира голем број на мерки и активности. Резултат на нашите политики се зголемениот број на туристи од странство и зголемениот девизен прилив од странство по основ на туризам. Континуираниот раст и развој на туризмот е една од основните цели на Владата за наредниот период.

Владата на Република Македонија ја усвои Програмата за туристичка промоција на Македонија и поддршка на туризмот за 2013 година. За нејзино финансирање се обезбедени и ќе бидат ангажирани 2,5 милиони евра, или тоа е зголемување за двојно и половина во однос на средствата кои беа ангажирани оваа година, кога изнесуваа 1 милион евра. Очекуваме зголемениот обем на средства да овозможи и нов зголемен обем на туристи и девизен прилив.

Целта на програмата е туристичка промоција на Македонија на таргетирани пазари, етаблирање на Македонија како туристичка дестинација во светот, субвенционирање на тур операторите кои носат странски туристи, отворање на нови и засилување на брендот на веќе постоечките пазари.

Активностите за промоција на Македонија, од географски аспект, се распоредени во три круга.

Прв круг, целен пазар Балкан во која влегуваат сите наши соседни земји плус Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Романија и Турција. Најголемиот број на туристи доаѓаат од овие земји. Во овој круг ќе се насочиме кон промоција и лобирање кај тур операторите и кон граѓаните. Фокус е и летен и зимски туризам.

Втор целен круг е Европа, односно сите земји од континентот плус Русија и Украина. Во вториот круг земји посебен фокус ќе има кон оние земји од каде што постојат директни авионски или чартер линии кон Македонија. Посебен аспект ќе биде насочен кон давање обврска на промоторите за лобирање за обезбедување туристи. За земјите од Бенелукс кои се традиционален партнер ќе одиме на збогатувањето на квалитетот на понудата како и фокусирање на проширување кон зимски туризам.
 
Трет круг е останати земји, со фокус на земјите кои имаат авионски линии кон Македонија или пак интерес за отворање сезонски летови кон Македонија. Фокус на промоција ќе биде ставен на промоторите и во втора фаза кон тур операторите. Овде влегуваат арапските земји, северна Америка и источна Азија. Бидејќи постои тренд на посета на поголем број земји одеднаш од овие простори, планирана е координирана туристичка понуда со соседните земји во пакет аранжман.

Транзитните патници ќе имаат специјален фокус. Ќе се направат активности за зголемување на нивната свесност за престој во Македонија како транзитна дестинација при патувањата во Грција во време на лето, и кон Србија и Бугарија во зимскиот туризам.

Активности и форми за промоција кои ќе бидат сервисирани се организирано претставување на поголем број на туристички саеми, организација недели на македонски туризам во таргетирани земји, спроведување на медиумска кампања во таргетирани земји, организирање на презентации пред туроператори, организација на посети на Македонија на тур оператори и странски медиуми, изработка на софтверски водачи за туризам за мобилна телефонија, мапирање на туристички знаменитости. Подготовките и ангажирањата на поволни позиции на организираните пазари на туризмот се веќе во длабока фаза на реализација и се очекува овој исчекор со рано обезбедување и финансирање на потребите за промоција да донесе поповолна стартна позиција и доволно време за лобирање што ќе придонесе за нов развој на туризмот.

Ќе се развијат и неколку нови модалитети за поддршка на туризмот. Проект за самовработување во туризмот, кој опфаќа финансирање на отворање на нови бизниси со средства кои ќе ги дава државата под поволни услови. Исто така, преку посебни програми на министерствата ќе се ангажираат уште дополнителни околу половина милион евра. Со нив ќе се стимулира развој на алтернативен туризам, вински, селски, културен и спортски туризам, како и развој на нови содржини и поврзување на туризмот со дополнителните туристички содржини, прошетки до други градови, разгледување на верски објекти, спортски содржини итн..

Посебен аспект е финансирањето на субвенции за привлекување на странски гости. Притоа Владата одлучи Агенцијата да го зголеми износот за овие субвенции, односно да е повисок од актуелните 800000 евра. Со тоа ќе се обезбедат и нови можности.

Минатата година од девизен прилив од туризмот се влезени 171 милион евра. Секој странски турист трошел по просечни 523 евра, од кои околу 100 евра за аранжман за ноќевање и околу 420 евра за дополнителни трошоци.

За 2013 година, со обезбедените околу 3 милиони евра за поддршка на туризмот, односно 2,5 милиони евра преку Агенцијата за туризам и половина милион евра преку специфично финансирање преку министерствата, проектираниот девизен прилив, со новообезбедените средства, се очекува да изнесува над 200 милиони евра. Оваа програма ќе донесе нова корист. За туристичките агенции кои ќе остварат нови приходи, ќе овозможи и нови вработувања, ќе имаат корист и хотелиерите со пополнување на нивните капацитети. Дополнително ќе се подржи и угостителството, и останатите придружни околу 20 дејности кои се поврзани со туризмот, од што корист ќе имаат граѓаните и нивните бизниси или пак општиот приход.

Владата и во идниот период останува посветена на промоција нови мерки и активности, и активна буџетска поддршка за дополнителен развој на туризмот.