Пуштен во употреба проширениот булевар „Свети Климент Охридски“ - втора фаза

Булеварот „Свети Климент Охридски“ - втора фаза, кој беше проширен и реконструиран на потегот од крстосницата со „Партизански одреди“ до улицата „Димитрие Туцовиќ“, во должина од 380 метри, денеска беше пуштен во употреба.

На официјалното пуштање присуствуваа премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

- Булеварот „Свети Климент Охридски“, кој во минатото постојано го отежнуваше сообраќајот во центарот на градот, денес по реконструкцијата во две фази, веќе е широк и проточен булевар, кој нуди функционалност и побрз проток на возила, рече Груевски.

Скопје, како што рече, веќе не е истиот град како што беше пред три или четири години.

- Веќе неколку години по ред Скопје е едно големо градилиште. Се гради во Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Сарај, Чаир... Се гради насекаде, низ цело Скопје. Таквото темпо е забележително во секој дел од градот. Се градат и прошируваат улици и булевари, се градат кружни текови, крстосници и мостови, се градат нови згради, катни гаражи, се реконструираат фасади. Се поставува осветлување и зеленило, се градат водоводи и канализации... Се работи со полна пареа и паралелно на сите проекти, токму онака како што беше во овие четири години. Чекор по чекор се решаваат голем дел од проблемите на граѓаните, наталожени со години, потенцира премиерот Груевски.

Според него, Трајановски со мудрост и трпение, со волја и со многу труд работи за функционален и модерен град Скопје.

Груевски истакна дека Владата и понатаму ќе остане партнер и поддржувач на секој добар проект, на секоја општина и на секој градоначалник кој, како што рече, сака да работи нешто повеќе за своите граѓани.

Градоначалникот на Скопје, потенцира, има точен и прецизен план за наредните неколку години, во улица, во проект, во детали...

- Скопје нема да се гради уште оваа година. Скопје ќе се гради уште многу години затоа што има подготвени планови, проекти, има прецизно утврдени агенди. И тоа досега не му тргнало од рака на ниту еден градоначалник на Скопје, рече Груевски.

Булеварот „Свети Климент Охридски“ - втора фаза е прошириен со по една коловозна лента од двете страни, со што се добија шест коловозни ленти, широки по 3,5 метри.

Трајановски потенцира дека вториот дел од реконструкцијата и проширувањето на овој булевар е завршен еден месец пред предвидениот рок.

- За само три месеци успешно е завршен овој проект и со тоа Скопје доби еден нов, модерен булевар, рече Трајановски.

Градежните работи ги изведуваше „Гранит“. Град Скопје за овој проект инвестираше околу 30 милиони денари од својот буџет.

Лани Град Скопје го прошири булеварот „Св. Климент Охридски“ на потегот од крстосницата со улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“ до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ во должина од 524 метри, за што беа потрошени 37 милиони денари.