Се реконструира ОУ „Лирија“ во општина Чаир

Министерот за економија Ваљон Сарачини, директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија Лилиа Бурунчук и градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити денеска го означија почетокот на реконструкција на основното училиште „Лирија“, каде ќе се спроведуваат мерки за енергетска ефикасност.

- Владата и Министерството за економија преземаат повеќе активности во делот на енергетската ефикасност. Пример за ова се последните инвестиции кои беа направени во училишта и во градинки или таму каде сметавме дека е приоритет. Најновата инвестиција е токму оваа, во основното училиште „Лирија“ во општина Чаир, инвестиција во делот заштеда на енергија, рече Сарачини.

Тој информира дека со оваа инвестиција целосно ќе биде опфатена реконструкцијата на фасадата на зградата, ќе бидат заменети сите прозорци и врати, ќе има нова инсталација на систем за греење и замена на сите светилки со нови. Реконструкцијата ќе заврши за 50 дена.  

- Инвестицијата е во вредност од 20 милиони денари или околу 400 илјади долари, средства обезбедени од Министерството за економија, преку грант проектот на Светска банка, а половина од средствата се обезбедени од страна на општина Чаир. Придобивка од оваа инвестиција ќе имаат сите и во иднина ова училиште ќе заштеди околу 50 илјади долари годишно, средства кои би можеле во иднина да ги искористат за некоја друга цел, истакна Сарачини.

Министерството за економија во соработка со Светска Банка, како што рече, продолжува со вакви проекти и во четири други општини со што ќе заокружи и втората фаза на овој проект. Во првата фаза беа реконструирани 18 училишта во шест општини, а во втората фаза се покриени пет општини.

Сарачини најави дека наскоро со Светска Банка ќе почнат со имплементација на новата Стратегија за енергетска ефикасност која опфаќа инвестиции во делот на енергетската ефикасност не само во јавните објекти, туку и во други административни објекти, во болници, социјални домови...

- Очекувам дека заедно ќе го заокружиме овој пакет од ГЕФ проектот кој чини околу 5,5 милиони долари и оти во иднина ќе имаме повеќе вакви проекти, додаде Сарачини.

Директорката на канцеларијата на Светска Банка во Македонија Лилиа Бурунчук истакна дека инвестициите во енергетска ефикасност значат одговорност во трошење на јавните финасии, обид за заштита на животната средина и едукација на учениците и граѓаните.