Министерството за здравство со нова финансиска поддршка за лекарите

Еднократна парична помош од 15.000 денари и едномесечна обука во некоја од најсовремените светски здравствени установи ќе добие секој доктор-специјалист или специјализант што ќе положи испит подготвен во рамки на проектот „Преводи на дела од врвните медицински универзитети во светот“.

Ова е најновиот проект што заеднички ќе го реализираат Министерството за здравство и Медицинскиот факултет во Скопје. Целта е, како што рече денеска на прес-конференција ресорниот министер Никола Тодоров, лекарите, особено помладите кадри, да ги обноват своите знаења и вештини што е многу значајно за следење на најновите достигнувања во медицинските науки.

- До почетокот на септември ќе се објават термините за испити, а до 15 октомври ќе бидат изготвени и прашањата, над илјада од соодветната литература. Полагањата е предвидено да почнат по 15 декември за да има доволен период за подготвување на кандидатите, истакна Тодоров.

Деканот на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски смета дека оваа идеја ќе заживее и воедно ќе придонесе многу за унапредување на медицинскиот кадар во земјата.

- Се надевам дека за испитите ќе има доволен број кандидати кои ќе ги совладаат содржините и ќе покажат извонредни резултати, напомена Јанкуловски.

Согласно проектот, прифатени ќе бидат сите кандидати пријавени за испитите, а тестирањето ќе биде електронско.

Засега Македонија располага со 57 преводи на врвна стручна литература од областа на медицината со тенденција, како што посочи деканот, на нејзино зголемување.