Ѓорѓиев: Денарот е и ќе продолжи да биде стабилен

Не постои опасност од загрозување на курсот на денарот, тој е стабилен. Граѓаните треба да бидат спокојни.

Тоа го изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на европската должничка криза во регионот на Југоисточна Европа и  курсот на валутите на балканските земји.

- Сакаме да  потврдиме и да увериме дека курсот на македонската национална валута е стабилен и оти политиките на монетарната и фискалната валст ги даваат своите резултати. Не постои опасност од загрозување на курсот на денарот, а доказ за тоа е и растењето на  штедењето во денарски депозити. 

Според него, за стабилноста на македонската валута говори и  податокот што од почетокот на годината Србија за  бранење на курсот на својата валута динар има ангажирано милијарда и двесат милиони динари, а Хрватска 780 милиони долари за бранење на куната.

- Република Македонија нема ангажирано пари за бранење на курсот на денарот затоа што тој е стабилен. Тоа докажува дека водиме добра фискална и монетарна политика, а се интервенира  и на начин  што обезбедува дополнително  засилување на курсот на денарот, без притоа да се ангажират дел од девизните резерви. Курсот на денарот  е стабилен  и ќе продолжи така, а граѓаните треба да бидат спокојни, изјави Ѓорѓиев.