Со Проектот за кредитирање на микро и мали претпријатија ќе се вработат 159 лица

Вкупно 86 фирми се пријавиле да вработат 159 лица преку Проектот за кредитирање на микро и мали претпријатија што го спроведува Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

Кредитирањето ќе изнесува 3.000 евра по вработено лице со максимален износ од 9.000 евра за три работни места. Компанијата ќе има обврска да ги задржи вработените на работа најмалку 36 месеци или на нивно место да вработи друго невработено лице евидентирано во Агенцијата за вработување. Во спротивно ќе треба да го врати кредитот.

Кредитирањето ќе биде поволно со еден отсто камата и грејс период од една година. Може да го користат фирми кои се регистрирани најмалку една година од денот на објавување на огласот и кои минимум три месеци имаат најмалку двајца вработени, а во последните шест месеци не го намалиле бројот на вработени.

- Финансиските средства ќе се одобруваат под исклучително поволни услови со посредство на деловните банки кои се вклучени во Проектот самовработување со кредитирање, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција на која заедно со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски ги презентираа резултатите од спроведените активни програми и мерки за вработување.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски најави дека за околу месец и половина ќе биде повторен огласот. - Има доволно пари за сите оние што ќе бидат заинтересирани кои сакаат да аплицираат за овој проект, рече Поповски. 

Како дел од мерките и програмите што се спроведуваат за намалување на стапката на невработеност е и Проектот за самовработување со кредитирање за кој до февруари годинава барање за кредит доставиле 379 лица за вработување на 438 лица, а одобрени се 123 барања со кои ќе се вработат 153 лица.

Во рамки на ИПА проектот „Поддршка за вработување на млади лица долгорочно невработени и жени“ досега своето знаење го надградиле 4.467 лица. Од почетокот на септември треба да започнат и обуките кај познат работодавач со кои ќе бидат опфатени 287 невработени лица кои ќе се обучуваат во 22 фирми.