Прв состанок на Советодавното тело за заштита од злоупотреби на деца на интернет

Советодавното тело за заштита на деца и млади од нелегални содржини, загрозувања и активности на интернет денеска одржа прв состанок, како дел од активностите за реализација на владиниот проект за заштита на деца од интернет злоупотреби.

- Со проектот ќе се настојува да дејствувамe во насока на намалување на опасностите и штетните влијанија врз децата и младите. Во наредниот период планирано е отворање линија за помош, којашто ќе помогне да се зголеми знаењето на родителите и децата за самозаштита, како и да ги насочи лицата кои сакаат да пријават детска порнографија на интернет, изјави по состанокот министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Според него, со  оглед на застапеноста на компјутерите во над  62 проценти од македонските семејства и 54  процентното користење интернет, родителите треба да ги користат бесплатните софтверски алатки за заштита на децата преку интернет. 

- Тие може да се набават во која било ИТ продавница или да се симнат од интернет. Ќе можат да ги подесат параметрите при користење интернет на своите деца, колку време може да се користи,  кои страници  и кои содржини може да се видат. Тоа е еден од првите чекoри за заштита на децата преку интернет, истакна Ивановски.

Клучни области за грижа опфатени со  проектот ќе бидат нелегални содржини, детска порнографија, он-лајн додворување, говорот на омразата и заштита на децата. Една од задачите содржани во проектот е формирање центар за подигање на свеста кај локалното население. Ќе биде одговорен за креирање национални стратегии за подигање на свеста кај децата, младите, родителите и наставниците. Работата ќе ја координира Национален Интернет Хотлајн Провајдер.

- Ќе се фокусираме на развојот на едноставни и робусни алатки за пријавување од интернет заедницата, развој и имплементација на соодветни алатки за подесувањата за приватноста според возраста, како и поширока употреба на класификацијата на содржините и поширока достапност и употреба на алатките за родителска контрола, изјави извршниот претставник на Интернет Хотлајн Провајдер Македонија, Виолета Ѓорѓиевска.

Податоците за потребите на проектот покажуваат дека за помалку од една година во Република Македонија се регистрирани околу 403 ИП-адреси кои симнале 4.323 различни документи со детска порнографија. Со пребарување на зборот „тепачка“ и „ќотек“ се постирани повеќе од 300 видеоклипови со потекло од Македонија. Преку 25.000 видеоклипови на интернет се со ксенофобична или националистичка содржина. Повеќе од 300 видеоклипови со содржина за малтерирање се поставени на интернет. Има над 41 милиони изрази на пцости  и лоши зборови напишани со кирилично писмо и околу 106 милиони такви изрази со латинично писмо.

На првиот состанок на Советодавното тело за заштита на деца и млади од нелегални содржини, загрозувања и активности кои постојат на интернет учествуваа претставници од Министерството за внатрешни работи – Единица за компјутерски криминал, Агенцијата за електронски комуникации, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Македонската асоцијација за информатички технологии (МАСИТ) и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ.