Пакети со храна за 100 социјално загрозени семејства од муслиманска вероисповед

Сто социјално загрозени семејства од муслиманска вероисповед денеска по повод Светскиот ден на хуманитарните работници и верскиот празник Рамазам Бајрам добија пакети со прехранбени производи.

Распределбата на пакетите што ги обезбедија Црвениот крст на Македонија и КАМ-маркет, е поддржана од министерствата за економија и за труд и социјална политика.

- Република Македонија треба да продолжи да се развива како земја во која мултиетничкиот и мултикултурниот начин на живеење и соработка е пример за сите држави во светот, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Честитајќи им го празникот Рамазам Бајрам на муслиманските верници, министерот за економија Ваљон Сарачини порача дека овој пример на донирање помош за граѓаните треба да го следат не само државните институции, туку и компаниите, тие да бидат општествено и социјално одговорни.

Пакети со храна утре ќе добијат уште сто семејства кои не можеа да дојдат на денешното доделување во „Даре Џамбаз“. Селекцијата е направена врз основа на нивната имотна состојба.