Ристовски: Македонските граѓани не можат да добијат азил во ЕУ

Граѓаните на Република Македонија да не се залажуваат дека во ЕУ некој ќе ги чека со широко отворени раце. Едноставно добивање азил воопшто не се дозволува зашто Македонија нема статус на земја од која може и треба да се бара азил, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

- Јасно и недвосмилено потврдувам дека македонските граѓани кои ќе ја напуштат земјава во обид да бараат азил ќе бидат вратени во со првиот автобус или авион, рече Ристовски, одговорајќи на новинарско прашање по доделувањето сто пакети храна на социјално загрозени семејства од муслиманска вероисповед.

Никој не треба, потенцира министерот, да ги залажува македонските граѓани, независно од кој било интерес економски или некој друг, дека може да ги пренесе во ЕУ.

- Ниту еден македонски граѓанин не добил азил во земјите од Унија и нема да добие. Тоа е јасен став на земјите-членки, а ние како Влада ќе продолжиме со рестриктивните политики во однос на заминувањето на Македонците кои бараат азил, како и со промотивните економски политки кои главно се однесуваат на областите со ромско население за максимално да се демотивира неговото прелажување, нагласи Ристовски.

Тој информира дека македонската Влада редовно комуницира со земјите-членки на ЕУ по ова прашање, но најчесто со државите каде миграцијата е најголема.

Владата, како што рече Ристовски, има формирано Висок комитет во кој членуваат вицепремиерот за европски прашања и министрите за надворешни и за внатрешни работи, за правда и за труд и социјалн политика. Комитетот редовно заседава и ги следи состојбите.

- Во текот на летниот период очекувавме зголемени барања за азил во некои од земјите поради фреквенцијата на граѓаните од кои едни доаѓаа во земјава, а други заминуваа во ЕУ, истакна Ристовски.