Честитка од премиерот Груевски до припадниците на АРМ по повод 18 август, Денот на Армијата

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Ми претставува огромно задоволство да Ви упатам честитки по повод 18-ти Август, Денот на Армијата и да ја изразам мојата почит за придонесот кој што го давате за изградба на Армијата во респектабилна сила, која е гарант за суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Пред 20 години, започна да се гради Армијата со скромна воена опрема, но со голем ентузијазам и пожртвуваност, целосно свесни дека таа претставува столб на македонската сувереност и независност, како и фактор од кој зависи севкупниот прогрес на македонската држава. Како резултат на Вашите залагања, и на сите Ваши претходници, но и придонесот кој што го даваа сите граѓани на Република Македонија во сите овие години, Армијата на Република Македонија прерасна во организирана институционална сила, способна да се справи со сите предизвици кои застанаа на патот на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава. Такви предизвици сите добро знаеме дека имаше, а нападите од организирани групи кои користеа терористички методи на убивање во 2001-вата секако беа најголемиот предизвик со кои се справи АРМ заедно со македонската полиција, помогнати и од илјадниците доброволци кои се приклучија. Со одлучните акции кои што се презедоа, се спречија првичните намери на овие групи и истите се сведоа на барања за одредени етнички права. Затоа, ја користам оваа прилика да ја изразам својата огромна благодарност и признание за сите оние кои се ставија на браникот на татковината кога тоа беше најпотребно и да им оддадам почит за сите херои кои ги положија своите животи за подобро утре на сите граѓани на Република Македонија.  

Денес, Армијата на Република Македонија претставува професионална, ефикасна и добро обучена структура, компатибилна со стандардите на слободните и демократски држави. За тоа сведочи рамноправното учество на Армијата во меѓународните мисии во светот и пофалбите и признанијата кои за тоа ги добиваат припадниците на АРМ, придонесувајќи на тој начин во зачувувањето на глобалната безбедност и демократија и промовирајќи ја Република Македонија како активен сојузник во остварувањето на овие цели.

Армијата на Република Македонија со реформите кои што ги спроведе изминативе години како и со учеството во мировните мисиите, претставува еден од главните адути за зачленување на Македонија во НАТО. И покрај тоа што со целосно исполнети критериуми се уште не сме членка на Северноатлантската алијанса, Армијата претставува рамноправен партнер на Алијансата. Владата на Република Македонија ќе стори се што е во нејзините ингеренции во насока на континуирана реализација на обврските и потребните континуирани реформи од страна на АРМ својствени за полноправните членки на НАТО, со цел Армијата да ги одржи потребните стандарди и да го задржи нивото на борбена подготвеност на оптимално ниво. Ова е дотолку повеќе потребно ако се имаат во предвид глобалниот тероризам, предизвиците кои произлегоа од револуциите во т.н. „Арапска пролет“, како и природните катастрофи како последица на глобалното затоплување. Овие предизвици остануваат заеднички проблем на современиот свет, а нашата Армија ќе мора се повеќе да се прилагодува на новите облици на закани.  

Почитувани,

Во изминативе години многу енергија и ресурси се вложија за да во Армијата на Република Македонија се отсликува мултиетничкото и мултикултурното македонско општество. Рамковниот договор е реалност во Република Македонија и стремежот за соживот и за целосна интеграција во општеството на сите етникуми се од исклучително значење за нашата држава и истите треба да се поттикнуваат преку сите сфери. Армијата на Република Македонија претставува еден од многуте институционални канали преку кои сите граѓани на Република Македонија, без разлика на етничката и верската определеност можат да ги остваруваат своите професионални кариери, служејќи и на својата држава во насока на заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет.  Да не дозволиме Армијата на Република Македонија да се претвори во маша за остварување на дневно-партиско политички поени инспирирани од интереси на поедини партии и политичари кои ќе ја користат во партиски цели со цел додворување на одредена група гласачи, нарушувајќи ја на тој начин долги години градената доверба и меѓусебно почитување. Да се ставиме сите во служба исклучително на интересите на државата и на сите граѓани на Република Македонија и максимално професионално да се поставувате кон довербата која што ви е дадена во исполнување на обврските утврдени со Уставот и законите.
 
На крај, дозволете ми уште еднаш да Ви го честитам 18-ти Август, Денот на Армијата на Република Македонија и да ви посакам многу успех и лична безбедност во извршувањето на секојдневните обврски и задолженија.

 

Со почит,


Никола ГРУЕВСКИ

ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА