Честитка од премиерот Груевски по повод Рамазан Бајрам до поглаварот на ИВЗ и граѓаните од исламска веросиповед

ДО:

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ИСЛАМСКАТА ЗАЕДНИЦА
ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,
Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи


Почитуван претседателе на Исламската заедница во Република Македонија, г-дине Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам големиот муслимански празник - Рамазан Бајрам со искрени желби за здравје, духовен мир и благосостојба во секое муслиманско семејство.

И оваа година, со завршувањето на рамазанските пости во најсветиот месец за Вас - Рамазан, започнуваат големите Бајрамски празнувања.  И оваа година, нека Ве води бајрамската молитва, нека Ви донесе многу убави нешта, нека ја истакне солидарноста и милостивоста, нека ја зајакне меѓусебната почит и толеранција, нека донесе добри дела и убави мисли.

Долгата традиција на празнување и хуманистичките традиции на исламските празници во Македонија, од секогаш биле повод за меѓусебна почит и заедничка прослава на нашите граѓани. Уверен сум дека, како и досега, така и во иднина, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за унапредување на меѓусебните односи кои традиционално се одвиваат во духот на меѓусебното разбирање и толеранција и ќе продолжиме да создаваме вредности и дела за иден просперитет и развој на нашата држава, за овозможување на дополнителни услови за економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, создавање можности за напредок на сите граѓани на нашата држава, и изградба на модерна и силна Република Македонија, дел од европските и евроатлански интеграции.

Уште еднаш, Ви го честитам големиот празник, Ви посакувам добро празнично расположение и убава домашна атмосфера во секое од Вашите семејства.

Честит Рамазан!


Со почит,
Никола ГРУЕВСКИ