Одадена почит на Џозеф Крузел, потписникот на првиот договор за соработка во одбраната меѓу САД и Македонија

Министерот за одбрана Фатмир Бесими и амбасадорот на САД Пол Волерс денеска во Скопје му одадоа почит на Џозеф Крузел, потписник на првиот Меморандум за билатерална соработка меѓу Република Македонија и САД, со положување цвеќе на бистата во Центарот за обука, кој го носи неговото име, а по повод одбележувањето на годишнината од неговото загинување.

Министерот Бесими во пригодното обраќање истакна дека од потпишувањето на овој прв билатерален договор за соработка во областа на одбраната меѓу Република Македонија и САД, таа постојано се надоградува, со што се потврдува партнерството меѓу двете земји.

- САД ни помагаат од почетоците на нашата евроатлантска интеграција, почнувајќи од пристапувањето во Партнерството за мир, проект за кој еден од иницијаторите е токму Крузел. Тогаш го направивме првиот чекор кон НАТО и се уште сме на тој пат работејќи кон целта самоуверено. Кога зборуваме за пријателството овде во Македонија велиме „во добри времиња создаваме нови пријателства, а во тешки времиња ги зајакнуваме постојните“. Ние ги гледаме САД меѓу вистински пријатели бидејќи бевте со нас во добри времиња, бевте со нас и во тешки времиња, рече Бесими.

Тој посочи и на глобалните предизвици во делот на одбарната и безбедноста. 

- Се соочуваме со исти предизвици кон обезбедување на заедничката цел - мирот и стабилноста. И не само во Македонија. Задоволен сум што како министер за одбрана на Македонија сме дел од нациите вклучени во меѓународните мировни операции, каде македонските војници рамо до рамо со американските се во служба на светскиот мир, рече Бесими.

Центарот за обука во касарна „Гоце Делчев“ го доби името „Џозеф Крузел“ од 1996 година. Во составот е на секторот за човечки ресурси каде се вршат стручно-специјализирачки обуки и обуки за континуиран професионален развој на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Македонија. Центарот чија активност придонесува кон постигнување на НАТО стандардите неопходни за постигнување на компатибилност со силите на Алијансата, функционира и како регионален тренинг центар.

Џозеф Крузел загина пред 17 години во Босна и Херцеговина во неговијата мисија за Партнерството за мир, која беше покрената во НАТО на иницијатива на САД.