Трансформација на македонското здравство по врвен светски стандард

Здравствените установи во државата ќе ги имплементираат стандардите на  Меѓународната заедничка комисија (Joint Commission International - JCI) со цел да се подобри начинот на функционирање и нивото на услуги што ги нудат здравствените организации.

Акредитирањето ќе започне од новата Градска болница „8 Септември“ во Скопје, по што е планирано стандардите да бидат имплементирани и во останатите здравствени установи во државата во согласност со нивните капацитети и потреби. Веќе во вторник треба да биде објавен тендер за избор на консултантска куќа, која ќе треба да ги имплементира политиките и процедурите на JCI.

Стандардите за акредитација од JCI се поделени на два дела. Eдниот дел се однесува на пациентите, односно со обезбедувањето грижа за нив, а другиот е во врска со организацијата на здравствената грижа и управувањето.

Акредитацијата е со времетраење од три години по што ќе треба да се обнови, што според министерот за здравство Никола Тодоров, ќе претставува гарант дека се почитуваат политиките и процедурите кои се поставени во здравствената установа.

- Станува збор за високо поставена цел, која сериозно треба да го промени системот на организација, начинот на функционирање и нивото на квалитет на здравствените установи во Република Македонија, истакна Тодоров на денешната прес-конференција.

Со процесот на акредитација се очекува да бидат поставени и темелите за формирање на новата Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи, која е предвидена со новиот Закон за здравствена заштита.

Joint Commission International или Меѓународната заедничка комисија е оддел на Заедничката комисија за акредитација на здравствените организации во Соединетите Американски Држави. Формирана е во 1998 година и специјализирана за акредитација на здравствени организации надвор од САД. Таа е меѓународно призната организација за проценка на квалитетот на здравствените организации, чија мисија е да се подигне безбедноста и квалитетот на грижата за пациентите.