Груевски најави зголемен број странски туристи

Премиерот Никола Груевски денеска во Кичево оцени дека со добра динамика одат вложувања во туризмот и оти уште подобар е фитбекот од нив. За следната година најави зголемување на бројот на странски туристи.

- Има вложувања во привлекувањето на тур-оператори и давањето субвенции за тур оператори, вложување во понудата, односно нови музеи, споменици и туристички објекти кои се атрактивни за туристите. Имаме вложувања во рекламирањето на Македонија во меѓународните медиуми така што како резултат на тие вложувања почнуваат да доаѓаат резултатите. Годинава веќе има значителна бројка на туристи од повеќе држави, а најмногу од Холандија што пак е резултат на договорот кој го направивме при нашето роуд шоу во Бенелукс. Во Хаг разговаравме и договоривме одредена бројка на туристи, но што е уште поважно за наредните години тие имаат сериозни најави и најверојатно веќе следната година ќе го зголемат бројот на туристи од Холандија и Белгија. Така што од годинашните 13 илјади ќе се зголеми бројот на туристи на 20.000, изјави Груевски по отворањето на новиот транспортен еко-систем за отпепелување во РЕК „Осломеј“.

Премиерот истакна дека се работи и на тоа да се привлечат туристи и од други држави и Македонија да стане привлечна туристичка дестинација. - Продолжуваме со инвестиции кои се понуда за туристите во целата земја, нагласи Груевски.