Две илјади деца од социјално загрозени семејства ја искористиле можноста за бесплатен одмор

Во изминатите два месеца 2.000 деца од семејства во социјален ризик или корисници на посебен додаток ја искористиле можноста за бесплатен летен одмор што им ја даде државата во рамки на пакетот мерки за подобрување на социјлно-економската состојба на граѓаните. Дополнително, околу 1.000 деца ќе можат да ја искористат можност и да одат на зимски одмор.

- Вкупно 2.000 деца имаа можност да заминат на летен одмор на сметка на државата во одморалиштето Мајски цвет во Струга и во одморалиштето „Пелистер“ на Пелистер. За време на престојот беше изготвена посебна програма која опфаќаше активен одмор, социјализација на децата, воспитни, образовни, културно забавни, и спортско-рекреативни активности за развивање на психомоторниот развој, способност за договарање, почитување на разликите и соработка во групи, способност за прифаќање на себе си и другите и ориентација во просторот, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој појасни дека децата на одмор престојувале седум дена, со шест полни пансиони. Средствата за реализирање на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на социјален додаток се во висина од 15 милиони денари.

Изборот на децата кои ја користеле услугата го вршеше Комисија за разгледување и рангирање на корисниците на услугата, согласно критериумите дефинирани во програмите на Владата, преку која се реализира овој проект. При изборот на децата што ја користеле или ќе ја кристат услугата во иднина предвид се зема времетраењето на користење на социјална парична помош во нивното семејство, постојана парична помош или посебен додаток, како и податокот дали станува збор за деца од едно родителско семејство и дали во нивното семејство има дете со посебни потреби.

Во насока на транспарентно работење и редовно информирање на заинтересираните кои ќе поднесат барање за користење на услугата за зимски одмор, како што рече Ристовски, центрите за социјална работа ќе ги објават списоците на избраните корисници, а МТСП ќе ги објави списоците на својата веб-страна. Во наредниот период, додаде, ќе биде разгледано во кои одморалишта ќе може децата да одат на зимски одмор и навремено ќе биде дадена информација за тоа кога треба да почне пријавувањето.

Во наредниот период, според Ристовски, приоритет при изборот ќе имаат деца кои досега не ја искористиле оваа можност, се со цел, како што рече, да биде опфатен поголем број деца.