Одбележана една година од работата на Музејот на македонската борба

Република Македонија поседува монументален објект кој е мошне значајна инвестиција за нашата држава, гледано од историски, културолошки, образовен и туристички аспект, истакна министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска по денешната посета на Музејот на македонската борба.

Една година по отворањето на овој Музеј, Канческа - Милевска рече дека од ден на ден постојано се зголемува бројот на посетители кои сакаат да ги видат атрактивните содржини на овој комплекс.

- Бројката на повеќе од 60 илјади посетители, од кои над 7.000 странски туристи од околу 50 земји во светот, балканските држави, Трурција, Холандија, Германија, Англија, САД, Канада, Египет, Индија, Бразил, Јапонија, јасно говори дека Музејот на македонската борба е своевидна туристичка атракција за сите посетители на нашата земја, домашни и странски, кои своите импресии ги впишуваат во книгата за впечатоци поставена во Музејот, потенцира Канческа - Милевска.

Музејот, како што рече, стана дел и од едукативната програма од многу училишта во Република Македонија и досега над 20 илјади ученици ја видоа поставката.

Таа ја истакна соработката на Музејот на македонската борба со други сродни институции од нашата земја, но и со музејски установи од повеќе држави во Европа и светот. Овој музеј соработува со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, со професорите од катедрата по историја, со средното музичко училиште „Илија Николовски -Луј“ од Скопје, насока фолклор, кои секој петок изведуваат тематски револуционерни песни во сите одделенија на Музејот.

Според неа, од особено значење е и меѓународната валоризација на квалитетот и значењото на овој музеј која е подвлечена и со договорот за презентација на музејските содржини и концепцијата на поставката на Музејот на македонската борба на катедрите по музеологија и историја во британскиот универзитет во Леичестер и рускиот универзитет од Санкт Петербург.

Таа потсети дека пред извесен период го промовирале музејскиот каталог на брајово писмо кој, како што рече, ги акцентираше потребите, правата и потенцијалите на слепите лица и ја докажа нашата грижа за лицата со оштетен вид.

- Во октомври ќе биде промовирана луксузна монографија за Музејот на македонската борба која ќе ги прикаже идејата и програмската концепција на овој мошне значаен објект. Ќе биде објавен и каталог за уметничките вредности кои се презентирани во музејот, а дополнително монографијата за музејот ќе биде објавена и на англиски јазик, најави министерката за култура.

Во моментов во Музејот се презентирани 109 восочни фигури, 69 уметнички слики-масовни сцени и 17 портрети. Збирката на оригинални предмети, континуирано се збогатува и во моментов изнесува 1.064 експонати. Од нив, 754 се откупени, а 310 предмети се подарени. Канческа - Милевска им се заблагодари на сите граѓани на Македонија и од дијаспората кои подариле некој предмет и придонеле за збогатување на музејската збирка на Музејот.

- Музејот ниже свои приказни, кои го прват достоен на историјата на Македонија и на денешната држава Македонија. Посетата од 60 илјади луѓе е доказ дека овој Музеј одамна и требаше на Република Македонија, а ние сме на самиот почеток. Прекрасно е чувството кога читаме од изјавите на граѓаните дека ова е нивниот музеј, музеј на сите граѓани на Македонија, рече директорот на Музејот на македонската борба, Бранислав Светозаревиќ.

Тој информира дека пред две недели во Музејот анонимен Македонец од Канада оставил три примероци на француски весник од 1901-1903 година, со илустрации на цели страници за Илинденското востание, со три прикази - напад на една комитска чета врз заптии, одбрана на една македонска куќа и киднапирањето на Мис Стон.

Плакета за особен придонес во збогатувањето на збирката музејски предмети во Музејот на македонската борба доби Благоја Механџиски, кој подарил 70 одбрани и многу ретки историски предмети и оружје. Плакета за најдобар музејски работник во Музејот доби Ана Вишинова.