Владата со нови инвестиции во центарот на Скопје

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата е посветена на континуирани активности за инвестиции во главниот град, кои се огледаат и насочуваат преку финансирање и кофинансирање на урбани инвестиции, изградба на објекти, партерни простори, културни содржини, спортски содржини, катни гаражи и останати инвестиции од интерес за граѓаните.

Владата на Република Македонија одлучи да реализира нова инвестиција во урбана инфраструктура, чија што цел е модернизирање и урбано облагородување на просторот во централното градско подрачје.

Оваа инвестиција опфаќа инвестирање во урбанистичко уредување на кејот на реката Вардар од неговата лева страна на потегот на централното градско подрачје, како и инвестиција во изградба на паркинг простори со кои значително ќе се зголеми паркинг просторот во овој дел од градот. Владата обезбеди средства за реализација на овој инвестициски потфат кои ќе бидат сервисирани во повеќе буџетски години.

Прво, инвестицискиот потфат за кејот на реката Вардар опфаќа комплетно реконструирање, реновирање, облагородување и модернизирање на левата страна на кејот на потегот од Стариот театар до новиот објект на МНР. Тоа опфаќа изградба на нови потпорни ѕидови на кејот, засилување на постоечките ѕидови, изградба на кејни конзоли со кои ќе се прошири партерниот простор пред новоизградените објекти, кој во идниот период ќе прерасне во шеталиште за граѓаните. Шеталиштето ќе биде ново, поголемо од постоечкото, и ќе биде поплочено со природен камен по целата негова должина. Ќе бидат поставени канделабри, клупи и придружни реквизити, а целиот простор ќе биде хортикултурно облагороден. Сите новоизградени објекти, ќе бидат илуминирани со специјални светлосни уреди, со што ќе се зголеми нивната атрактивност, и ќе се збогати изгледот и урбаниот пејзаж. На целиот потег, по пример на метрополите, ќе бидат поставени музички звучници, со што ќе се даде музичка подлога на целиот амбиент. Наскоро се очекува да биде отворена постапка за избор на економски оператор кој ќе ја реализира инвестицијата.

Со овие инвестиции овој простор ќе стане едно ново урбано атрактивно катче. Тоа ќе биде жив простор, каде што граѓаните ќе можат во текот на целиот ден да циркулираат и да бидат анимирани. Модерно, урбано шеталиште кое ќе внесе нова содржина и ќе се вклопи во просторот, а со илуминациската и музичка поддршка ќе се зголеми квалитетот на урбаниот амбиент.

Второ, инвестицискиот потфат за зголемување на бројот на паркинг места, ќе опфати изградба на две нови паркиралишта кои ќе бидат во склоп на урбаниот потег на кејот. Двете паркиралишта ќе бидат подземни. Првото паркиралиште ќе биде лоцирано на потегот на денешниот подземен паркинг под објектот на МНТ. Ќе биде изградено на две нивоа, и на него ќе бидат предвидени повеќе од 600 паркинг позиции, што значи зголемување на постоечкиот капацитет за над 350 места, односно повеќе од половина. Наскоро се очекува почеток на градежните работи на ова паркиралиште. Второто паркиралиште, е лоцирано до новиот објект на Археолошкиот музеј на Македонија и Уставниот суд, и на него ќе бидат предвидени околу 100 паркинг позиции. И двете паркиралишта ќе може да ги користат сите граѓани.

Со овој потфат ќе се зголеми бројот на паркинг места во централното градско подрачје со што ќе подобрат можностите за пристап до централното градско јадро. Ќе се намали притисокот за паркинг позиции, и ќе се овозможи поефикасно сервисирање на потребите на граѓаните кои се поврзани со овој простор.

Со инвестицискиот потфат, како и со другите кои се реализираат, ќе се продолжи поддршката на градежништвото и вработените во него, а централното градско подрачје, и неговото јадро ќе добијат нов и модерен лик, по пример на метрополите, облагороден со разни содржини, нов простор за циркулација и престој на граѓаните, пред се жив простор и атрактивен, кој ќе се вклопи и ќе го подобри имиџот и амбиентот, и туристичката понуда на главниот град, а преку новите паркиралишта ќе се подобри и достапноста и ефикасноста во задоволувањето на потребите на граѓаните и нивните интереси.