Министерот Ристовски ги пушти во употреба новите занимални во клонот „Сончогледи“ во штипско Сењак

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, градоначалникот на Општина Штип, Зоран Алеков и директорот на градинката „Астибо“ Илија Митрев денеска свечено ги пуштија во употреба двете нови занимални за децата во клонот „Сончогледи“ во населбата Сењак.

Министерот Ристовски истакна дека проширувањето на градинката во една од најголемите штипски населби е реализирано со финансиска поддршка на ресорното Mинистерство.

- Во Република Македонија има потреба од проширување на детските градинки. Реализираме веќе десетина проекти во различни градови во Република Македонија, вели Ристoвски.

Тој додаде дека проширувањето и зголемувањето на капацитетите на детските градинки во Штип ќе продолжи, бидејќи во последните неколку години има зголемен број на деца.

Градоначалникот на Општина Штип, Зоран Алексов посочи дека оваа инвестиција на Владата е добредојдена за најголемата и најмладата населба во Штип, бидејќи имаат пријавено дополнително околу 150 дечиња, кои сакаат да ги посетуваат градинките.

Новата инвестиција, потенцира директорот на градинката „Астибо“, Илија Митрев, е од големо значење за да се сместат дечињата, а околу една третина од жителите во Штип живеат во населбите Сењак и Баби.