Министерот Тодоров го посети центарот за сексуално и репродуктивно здравје „Сакам да знам“

Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со членови на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска го посети Младинскиот центар за сексуално и репродуктивно здравје „Сакам да знам“ во рамки на здравствената станица во Шуто Оризари.

Центарот е финансиран и поддржан од Здружението на граѓани Х.Е.Р.А и дава здравствени услуги на вулнерабилни и социјално исклучени групи.

По посетата, Тодоров изјави дека напорот кој го дава Здружението за помош во оваа општина исклучително го ценат како држава и мисли оти треба што е можно повеќе да се поттикнуваат овие иницијативи, особено од невладиниот сектор.

- Сакам да напоменам дека при мојата последна посета на Здравствениот дом најавивме дека активно ќе работиме на овозможување отворање на гинеколошка ординација во Шуто Оризари. Се обврзавме во овој период да ги направиме техничките и инфраструктурни предуслови и тоа го завршивме. Веќе е направена и просторијата која ќе биде обезбедена за отворање гинеколошка ординација, рече Тодоров.

Тој додаде дека објавено е и писмо за интерес и досега има еден пријавен кандидат, а објавена е и концесијата за гинеколог. Со тоа, според министерот, ќе се реши долгогодишен и сериозен проблем на граѓаните кои живеат во Шуто Оризари, особено за жените во репродуктивниот период.

- Комисијата е заинтересирана за унапредување на сексуалното репродуктувното здравје на жените, посебно на младата популација. Особено сме заинтересирани за таканаречените вулнерабилни кои во општина како што е Шуто Оризари ги има во голем број, рече Лилјана Поповска, пратеник и претседател на Комисијата.

При посетата, нагласи, разговарано е и како овие центри да станат дел од системот за јавно здравје. Поповска истакна дека се задоволни од она што го виделе и оти Здружението на граѓани Х.Е.Р.А со чија соработка се оствари денешната посета биле здружение со голем ентузијазам и досега оствариле добри резултати.

Мила Царовска од Х.Е.Р.А посочи дека генерално работат со млада популација, најчество во делот советување и едукација за подигање на свеста за сексуалното и репродуктивно здравје.

- Сметам дека нивото на знаење и запознаеност со сексуалното и репродуктивно здравје кај ромската популација секоја година се подигнува. Кога во 2006 година почнавме тука да зборуваме за оваа тема, беше апсолутно табу и никој не сакаше да го посети нашиот центар, додаде Царовска.

Годишно во просек околу 2.000 лица поминуваат низ Младинскиот центар за сексуално и репродуктивно здравје „Сакам да знам“.