Министерката Канческа - Милевска присуствуваше на снимање на филмска музика на оркестарот FAME'S

Министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска денеска во студиото М1 во Македонската радио телевизија присуствуваше на сесија на снимање на филмска музика на членовите на FAME'S - оркестарот на македонското радио.

Со помош на договорот за соработка со Македонската радио телевизија, информираа од FAME'S, е инвестирано во најсовремена опрема за снимање.  Оркестар е составен од професионалци, главно членови на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, а од неговото создавање во 2008 година има направено исклучителна интернационална кариера, изведувајќи музика за најпознатите светски филмови.

- Ова што го правите е од огромно значење и за нашите уметници и за промоција на уметничкиот потенција на нашата држава. Посебно се радувам на сите проекти кои се реализирани од основањето на оваа соработка со МРТВ. Успеав да видам голема сплотеност и соработка меѓу вас и диригентот, меѓу уметниците, констатира  Канческа - Милевска.

Таа им посака многу успех, продолжување на соработката и им укажа оти Министерството за култура им стои на расолагање.

Лоран Копитз, менаџер на оркестарот FAME'S информира дека првиот контакт го имале со Илија Пејовски, кој им ги покажал студијата М1, М2 и М3.

- Со мојата сопруга ја добивме идејата да видиме дали можеме да ги заживееме овие студија со цел да почнеме да се занимаваме со снимање на филмска музика. Со помош на францускиот диригент Оливие Дежур организиравме аудиција со музичарите. Слушајќи ги музичарите, тој ни потврди дека во музичарите има потенцијал и не убеди дека може да се формира еден оркестар кој ќе биде компетентен на европскиот пазар, рече Копитз.

Тој додаде дека потоа контактирале со финасиери, напорно работеле со музичарите, со Олег Кондратенко и додаде оти упеале да остварат повеќе проекти и да дојдат до денешното ниво.

- Колку повеќе склучуваме договори за снимање филмска музика толку повеќе музичарите ги ангажираме и нивото се подобрува. Ангажираме околу 130 музичари. Ги отворивме вратите и за некои музичари од соседството, како Бугарија и Србија. Мислам дека го постигнавме нивото Скопје да биде центар на снимање на филмска музика на Балканот. Денес работиме само со студиото М1, на поделено време. Ова студио го користи и македонското радио, поточно музичката продукција за своите проекти, рече Копитз.

Оркестарот FAME'S е посветен на снимање филмска музика, музика за видео игри, телевизикси серии, документарни филмови и на промовирање на македонските музички таленти. Во моментов диригент на оркестарот е Олег Кондратенко.