Ристовски: Изречени повеќе од 120 мерки за забрана за вршење работа на отворено

Повеќе од 120 мерки се изречени за забрана за вршење на работа на отворено на поединечни објекти, истакна денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој рече дека изминатиот период спровеле значаен број контроли соодветно на извештаите од Комисијата при Министерството за здравство и прогласувањето на степенот на зрачење и високите температури.

- Против два субјекта беа поведени прекршочни постапки затоа што не ја почитуваа забраната за вршење на работа на отворено на конкретен објект. При таквите контроли ние не ја казнувавме целата фирма и не забранувавме нејзина целосна активност и работа, туку забранувавме вршење на работа на строго утврден специфичен објект, рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева Змејкова и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски посветена на „Пријави/одјави на работници на определено време“.

Тој посочи дека фирмата, која добила забрана за работа на некој објект не требала да врши работни задачи на тој конкретен објект, а тоа не значело забрана на други места.

- Кај две фирми беше констатирано дека е прекшена забраната и за нив се води постапка. Согласно Законот казните се меѓу пет и седум илјади евра, додаде Ристовски.