Отворен нов Центар за дијализа во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје

Нов Центар за дијализа со европски услови и стандарди е отворен денеска во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите за здравство и за транспорт и врски, Никола Тодоров и Миле Јанакиески и заменик-министерот за здравство Јован Андовски.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Сашо Стојчев изјави дека во Центарот има 34 приклучоци за дијализни машини, во моментов се поставени 10 кои се купени од Министерството за здравство, а другите се донација.

- Ќе го зголемиме бројот на дијализните места од 18 на 30. На секој апарат може да се дијализираат четири пациенти во две смени односно шест во три смени. Планот е во почетокот да бидат две смени. Во овој момент ќе можеме да дијализираме 120 пациенти од Скопје, а во моментот во нашиот стар центар за дијализа има 68 пациенти. Се надевам дека овој Центар ќе биде и указ такви центри да има повеќе во Македонија, рече Стојчев.

Тој посочи дека се направени посебни системи за сопствено производство на ацидна, односно кисела течност и базна капсула.

- Нема повеќе канти, црева, катетери, туку директно апаратите се напојуваат со три различни концетрации на течности. За кај нас можам да тврдам дека последните 20 години немаме пренесено од пациент на пациент Ц хепатит. Во моментов располагаме со 11 апарати за Ц позитивни и 21 за негативни, плус два за интензивна нега. Очекуваме донација од три до пет апарати и од Фрезениус и тогаш ќе имаме комплетно нова опрема, истакна Стојчев.

Официјалното пуштање во употреба на Центарот, потенцира тој, ќе биде до крајот на месецот, кога од три независни лаборатории ќе добиеме одговор дека првпат произведената течност (ацидна или кисела) во државата ги задоволува стандардите.

- На местото на стариот центар имаме проект, ќе правиме центар за хирушко и нехирушко лекување на дијабетично стапало и каде има потреба за ампутација, додаде Стојчев.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова истакна дека катот каде што се наоѓа Центарот пред една година бил напуштен и руиниран.

- Со поддршка на Фондот, со приоритет во менаџментот на болницата, пациентите на дијализа во Скопје ќе добијат двојно зголемен капацитет во оваа институција во едни европски услови и стандарди, не само од аспект на фактот што тука доаѓаат нови апарати за дијализа од Министерството туку и поради фактот што пациентите четиричасовното третирање на овие апарати три пати во неделата ќе го поминуваат на еден достоинствен начин, посочи Парнарџиева Змејкова. 

Директорот Стојчев одговарајќи на новинарско прашање рече дека опремувањето на Центарот, градежната оператива и сите елементи на термо енергетски ефикасен објект, двата лифта чини 89 милиони денари.

- Во овој момент имаме 17 медицински техничари и двајца регуларно вработени доктори. Секако дека овој Центар кој има речиси двоен капацитет ќе има потреба на дополнителен број на барем уште десетина сестри и три до четири доктори, посочи Стојчев.

Тој најави дека кат подолу од Центарот за дијализа за еден месец ќе биде отворен Центарот за мозочен удар.

Здружение на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Љубинко Трпеновски рече дека пациентите од Скопје конечно после долги години добиваат еден референтен центар.

- За првпат се прават европски и светски стандарди кон кои треба да се стремат сите центри во Македонија. Состојбата со центрите за дијализа апсолутно не е розова. Се надевам дека ова ќе ни биде репер и стандард спред кој сите ќе се стремат и дека државата ќе преземе активности со следниот буџет можеби да ги сервисира центрите за дијализа пред се со апарати, додаде Трпеновски.