Економските политики на Македонија на CNN

Кризата и рецесијата во Европа ни се проблем, но  истовремено и шанса да привлечеме нови компании. Некои од нив доаѓаат кај нас зашто и во нивната земја ситуацијата е лоша. Македеонија има привлечни даноци и најниски трошоци за отворање бизнис во Европа. Ниту една друга земја нема пониски трошоци. Бруто домашниот производ е околу 28 до 29 отсто, буџетскиот дефицит од 2,5 отсто е мал, а валутата е стабилна, рече премиерот Никола Груевски во интервјуто за економскиот магазин на светски познатата телевизиска куќа Си-Ен-ЕН.

Македонија, додава премиерот, е една од ретките земји што не ги покачи даноците. Имплементира и други мерки за инвеститорите, странски и домашни, со цел обезбедување низа поволности.

Груевски во интервјуто снимено за време на престојот во САД каде пред американски компании заедно со владиниот тим ги презентираше можностите за инвестирање на Македонија, зборува за економските политики, отворањето нови работни места, рангирањето на Светска банка...

Репортерот на Си-Ен-Ен констатира дека речиси сите светски пазари се под влијание на европската должничка криза, но економијата на Балканот е толку тесно поврзана, што остатокот на Европа ги става под притисок. Четири балкански земји, рече, побараа заеми од Интернационалниот монетарен фонд. Србија, Босна, Косово и Македонија беа погодени од кризата, особено кога станува збор за вработувањето. Но, и покрај предизвиците, Македонија има огромен напредок на полето на странските инвестиции поради економските реформи и сега е на добар пат кон Европа.

- Се разбира дека не ни е сеедно кога Европската унија има проблеми зашто 90 отсто од нашиот извоз оди таму. И тоа не само извозот на нашата земја, туку и соседните земји извезуваат во Европа. Кога тие имаат проблеми, секако дека тоа ни влијае и нам. Но, со воведувањето на мерките се трудиме да ги намалиме штетите. Минатата година порастот беше три проценти, се надевам дека и годинава ќе бидеме успешни. Истовремено ова го гледаме и како шанса.

Во однос на прашањето за невработеноста, претседателот на македонската Влада вели дека постојано се прават обиди за нејзино намалување, но и се преземаат дополнителни мерки за подобрување на ситуацијата.

- Невработеноста се појави кога се подели Југославија, а ние постојано се обидуваме да ја намалиме. Минатата година имаше намалување на невработеноста, но применуваме дополнителни мерки за да се подобри ситуацијата на тоа поле. Иако тоа за нас е проблем, на некој начин е и предност за инвеститорите зашто имаат на располагање образовани луѓе кои се подготвени да им се придружат на потенцијалните компании. Според Светска банка, Македонија е една од најдобрите локации за водење бизнис. Од 96 место се искачивме на 22. Тоа што нам ни е проблем, за инвеститорите е предност. Токму тоа и сакаме да им го покажеме на инвеститорите, нагласува Груевски.

Тој потенцира дека сега сме пред сите земји во централна и источна Европа, а воедно и пред 19 земји членки на ЕУ на листата на Светската Банка.

- Само осум земји членки од ЕУ се подобро рангирани од нас во моментов. Се трудиме да се искачиме уште повисоко на листата, не сме задоволни со 22 место. Ќе продолжиме со реформите и модернизацијата, ќе донесеме уште многу нови мерки, посочи премиерот Груевски во интервјуто.

Интервјуто за влијателниот економски магазин на „Си-Ен-Ен“, кој има доста висок рејтинг на гледаност во САД, премиерот Никола Груевски го даде во средата, на 5-ти септември.