Ристовски: Поедноставена процедурата за пријава и одјава на работници на определено време

Процедурата за пријави, односно одјави на работници на определено време е поедноставена, но со ова недоволно се запознаени работодавачите. Првпат поднесената пријава во задолжително социјално осигурување важи додека трае работниот однос односно работодавачот не треба да поднесува пријава/одјава при секое продолжување на договорот за вработување на определено време доколку нема прекин на осигурувањето.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој рече дека има случаи каде што работниот однос заснован со договор за вработување на определено време се продолжува повеќе пати без прекин и во таквите случаи работниот однос на определно време може да се продолжи со склучување нов договор за вработување или анекс на постојниот договор.

- Првпат поднесената пријава во задолжително социјално осигурување важи се додека трае работниот однос, односно работодавачот не треба да поднесува одјава/пријава при секое продолжување на договорот за вработување на определено време, онаму каде што нема ниту еден ден прекин на осигурувањето, посочи Ристовски.

Тој рече дека целта е да им се укаже на работодавачите на овие измени, и додаде оти на трудовите инспектори кога вршат контроли единствено важно според Законот за работни односи, им е лицето кое ќе го затекнат на работа, да има склучено договор за вработување или анекс на договорот ако се продолжува и истиот да е реализиран со пријавување во системот за социјални придонеси т.е. работниот однос да е регистриран со М1 пријава.

Директорот на Фоднот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова рече дека ова е една голема можност за работодавачите и сметководителите кои најчесто ги завршуваат овие обврски во државните институции. Таа посочи дека тие воопшто не треба да доаѓаат во државните инстуции и единствено што треба да направат е да евидентираат преку Агенцијата за вработување дека договорот се продолжува и овозможува континуитет на работниот однос.

- Тие воопшто нема потреба да доаѓаат на секои три или шест месеци повторно во Агенцијата, во Фондот и во Пензискиот фонд. Апел до сите работодавачи и сметководители да ја искористат оваа можност и да не доаѓаат во државните инстутции непотребно бидејќи ние овие информации за продолжување на договорите на определено време во континуитет ги добиваме по електронски пат од Агенцијата за вработување, додаде Парнарџиева Змејкова.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека го воочиле овој проблем со директорот на Фондот дека секој работодавач, иако е лицето континуирано кај него со години, на секој месец дена, два, три, зависи на колку му е договорот, прави пријава веднаш.

- Тоа бара време, непотребни трошоци за обрасци, за паркирање на возилото додека се сработи предметот. Работникот е обезбеден во целиот тој тек и не му се прекинува задолителното осигурување, рече Поповски.