Воената академија утре ќе го објави вториот конкурс за обука на пилоти

Вториот конкурс за обука на пилоти ќе биде објавен утре и на него ќе може да се пријават сите млади кои имаат завршено високо образование и не се постари од 28 години.

Ова денеска го најави министерот за одбрана Фатмир Бесими кој се сретна со првата генерација кадети кои успешно ја поминаа фазата на селекција и веќе две недели ја следат наставата во Центарот за обука на пилоти.

-  Првиот конкурс беше успешен. Од 95 пријавени кандидати, четворица успешно ги поминаа сите фази на тестирањето. Најдобрите, науспешните ја завршија таа фаза и сега го посетуваат првиот курс во Школата за пилоти. Суигурен сум дека тие со нивниот квалитет ќе бидат пример за останатите млади кои имаат интерес да се пријават на Школата. Верувам дека во Македонија имаме младина која ќе биде генерација на идните пилоти на модерната армија на Македонија, истакна Бесими по средбата.

Интенција е Школата за обука на пилоти да прерасне во регионален центар, а она што радува, според министерот Бесими, е фактот дека меѓу примените четворица кадети има и една девојка.

- Нема бариери во овој процес. Тој се одвива согласно највисоките меѓународни стандарди. Радува фактот што во оваа прва група има диверситет од аспект на половата припадност и тоа е добар сигнал дека сме подготвени да ги разбиеме сите бариери со квалитетот за пристап и модернизација на Армијата. рече Бесими.

Директорот на Центарот за обука на пилоти Јаари Шрага ги повика сите млади кои имаат интерес да се пријават на вториот конкурс и да ги искористат можностите што ги нуди Школата.

Центарот за обука на пилоти треба да обезбеди школување на пилоти и обука на симулатори за Министерството за одбрана, но и за Министерството за внатрешни работи кое располага со исти или слични хеликоптери. 

Во теоретската настава вклучени се пилоти и инструктори, како и кадар од Воената академија. Во почетниот процес на обука се имплементираат стандарди од израелското воздухопловство, а инструкторите се од Македонија и од Израел. Практичната обука се врши со „Злин“ авиони на МО, додека во тек е изградбата на двата симулатора и тоа за борбен и за транспортен хеликоптер.