Доделена четвртина од кредитната линија на МБПР, осум фирми добија вкупно 2,7 милиони евра

 Кредитната линија за земјоделските претпријатија обезбедена со докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), почна да се користи. Како што соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, доделени се првите осум кредити во вкупна вредност од 2,7 милиони евра.

Средствата се реализираат под извонредно поволни услови, а ги користат претпријатија кои вршат откуп, преработка и извоз на земјоделски производи, пред се грозје, пченица и зеленчук.

- Дизјанот и начинот на кој Владата ја формираше оваа кредитна линија ја погоди целта, да им се помогне на фирмите кои ги откупуваат земјоделските производи и истовремено ги извезуваат или ги преработуваат и извезуваат, да ја пребродат временската рамка во тој дел, да ги извезат земјоделските производи, да ги наплатат и да ги исплатат потоа земјоделците, истакна Ставрески.

Тој очекува сите 11 милиони евра што ги обезбеди Владата да бидат искористени во релативно краток рок.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, ова е директна поддршка на нови инвестиции за подобрување на постојните бизниси во аграрот, но и за почнување нови.

- Поволните услови од кредитната линија на Македонската банка за поддршка на развојот директно ќе влијаат врз интересот на македонските земјоделци да вложуваат во нова механизација, опрема и посовремени објекти, модернизацијата на прехранбената индустрија, обезбедувањето средства за откуп на поголеми количини и посигурен пласман, на брза исплата на земјоделците, како и на стабилизирање на пазарните односи и обезбедување услови за ценовен тренд без осилации, потенцира Димовски.

Политиката на уште поповолно рурално кредитирање се надоврзува, додаде министерот, со останатата владина поддршка на земјоделците за набавка на животни со висок генетски потенцијал, подигање нови овошни насади, набавка на опрема и проширување на производните капацитети.

Целта на кредитната линија со годишна камата од три отсто, непроменлива во целиот период на користење, е да обезбеди подобрување на производствените капацитети на микро, малите и средните компании кои се занимаваат со преработка, откуп и извоз на земјдоелски производи. Кредитните средства се намнети за компании кои со своите вложувања обезбедуваат повисока додадена вредност, зголемување на изозот, намалување на невработеноста и јакнење на сопствената конкурентност на домашниот и на странските пазари. Се пласираат преку два кредитни продукта, за преработка на земјдоелски производи и за откуп, извоз на земјоделски производи и нивни преработки.

Интересот за кредитната програма е голем. Моментно Банката разгледува уште пет барања во вкупен износ од два милиона евра кои се очекува да бидат пласирани идната недела.