Беџети: Изготвени измени на законите поврзани со изборниот процес, дел од дијалогот со ЕУ

Како дел од обврските преземени од страна на Македонија во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ, Министерството за правда ги изготви предлог закони за изменување  и дополнување на  Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии, како и Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Предлог закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, информира денеска на прес-конференција министерот за правда Блерим Беџети.

Тој појасни оти иако и во досегашните законски решенија биле пропишани основните граѓански и политички права и слободи неопходни за спроведување на демократските избори, нивното натамошно подобрување се наметнало заради усогласување со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди, како потреба од вградување на препораките од Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за парламентарните избори во 2011 година.

- Со Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик се решаваат некои од препораките содржани во Конечниот извештај, со посебен акцент на приоритетните препораки како одвојувањето на државата од политичките партии, финансирањето на изборната кампања, медиуми и набљудување на изборите, објавување на изборните резултати, постапките за приговори и жалби како и други надградување на недоречености во Изборниот законик, појасни министерот за правда.

Предложените законски решенија за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии, додаде Беџети, се во насока на имплементацијата на препораките дадени во последниот извештај на Советот на Европа- (ГРЕКО) во делот - „Транспарентност на финансирање на политичките партии“.

- На овој начин несомнено е дека  реформата на изборната регулатива треба да продолжи со цел за подобрување на законските решенија согласно на компаративните анализи на европското законодавство, но и да се предвидат соодветни активности за доследна примена на законите поврзани со изборите, истакна тој.

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, пак, според него, треба да ја гарантираат слободата на изразување и информирање како една од, како што истакна, битните основи на демократското општество. Со нивното донесување, рече, целосно ќе бидат декриминализирани навредата и клеветата.

- Со измените и дополонувањата на Кривичниот законик се врши декриминализирање на навредата и клеветата со тоа што се бришат сите кривични дела од главата која се однесува на честа и угледот. Покрај кривичните дела „навреда“ и „клевета“, од оваа глава се бришат и останатите кривични дела - изнесување на лични и семејни прилики, омаловажување со префрлање за кривично дело, повреда на угледот на Република Македонија, и изложувње на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, повреда на угледот на судот, повреда на угледот на странска држава и Повреда на угледот на меѓународна организација, истакна министерот Беџети.

Тој појасни оти материјата за граѓанска одговорност за навреда и клевета е уредена во новиот Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. - Притоа, посебно важни се начелата врз кои се заснова законо,т а кои даваат примат на Европската конвенција за човекови правад над домашното право. Законските одредби се во целосна корелација со практиката и стојалиштата на Европскиот суд за човекови права која се однесува на членот 10 од Европката конвенција за човекови права, истакна тој.

Беџети информира дека за граѓанската одговорност се предвидени каскадни парични казни.

Тие ќе зависат од тоа кого ќе одлучи тужителот да го тужи дали авторот, уредникот или правното лица, а судот ќе одлучува во зависност од случајот и докажувањата, имајќи предвид дека законското решение нуди претходни постапки како што се извинување итн. Значи може да дојде и воопшто да нема потреба од судски процес, рече Беџети.