Министерот Попоски ги прими акредитивите на новиот чешки амбасадор во Македонија

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ги прими копиите на акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Чешката Република во Република Македонија, Мирослав Рамеш.

Примајќи ги копиите од акредитивните писма, министерот Попоски на амбасадорот Рамеш му посака успешна дипломатска мисија, и изрази очекување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да јакнат, а соработката ќе се проширува и продлабочува со уште понагласена динамика, соопшти МНР.

На средбата е искажано заемно задоволство од позитивниот тренд на политичките односи меѓу двете држави. Министерот Попоски нагласи дека Владата на Република Македонија особено ја цени подршката и помошта што Владата на Чешката Република и ја дава во процесите за целосно интегрирање на Македонија во европските и евроатлантските структури. На средбата беа разменети мислења и за билатералната економска соработка, како и за соработката во другите области, а беа допрени и други теми, како што се соработката на мултилатерален план меѓу Република Македонија и Чешката Република и состојбите во нашиот регион, се наведува во соопштението од МНР.