Одбележан Меѓународниот ден на заштита на озонската обвивка

Со работилница и промоција на брошура на тема „Енергетска ефикасност“ денеска беше одбележан Меѓународниот ден на заштита на озонската обвивка - 16 Септември, кој годинава е поврзан со одбележувањето на 25 години од усвојувањето на Монтреалскиот протокол.

- Република Македонија од 1997 година е дел од семејството на членки на Протоколот, кој е единствен еколошки документ, усвоен од сите 196 земји-членки на Организацијата на Обединетите нации. Од тогаш во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање постои и Канцеларија за заштита на озонската обвивка која континуирано работи во насока на остварување на главната цел - редукција на 99 отсто од потрошувачката на супстанциите што го осиромашуваат озонот, рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

Во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од Монтреалскиот протокол, како што рече Адеми, нашата земја доби три престижни меѓународни награди на Програмата за животна средина при Обединетите Нации.

Постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП Диадра Бојд на министерот Адеми му додели плакета како потврда и признавање за улогата на ресорното министерство, Владата и граѓанското општество за заштитата на озонскиот слој за идните генерации.

- Овде сум да и честитам на Владата и на сите инволвирани страни за напорите за зачувување на озонскиот слој. Благодарение на напорите на Владата во справувањето со овој проблем, Македонија е во предност во движењето за заштитата на животната средина, истакна Бојд.

Министерството за животна средина и просторно планирање, како што рече, вистински се заложи да ја подобри положбата на ова поле.

- Неговата мала, но ефикасна озонска единица во соработка со агенциите на Обединетите нации успеа да ги стави во преден план безбедното управување и користење на хемикалиите во националните политики за одржлив развој, рече Бојд.

Министерот Адеми рече дека оваа плакета е признание за вработените во ресорното министерство, за сите државни институции во Република Македонија, за сите граѓани, невладиниот сектор, како и за сите поранешни министри.

- Оваа плакета и овој настан денеска е пример дека кога сме конзистентни, кога продолжуваме со проекти кои почнаа можеби и пред неколку години, резултатите се присутни. Оваа плакета е пример за соработката на државните со меѓународните институции, кои ги поддржуваат ваквите активности и проекти, рече Адеми.