Со американски грант ќе се обнови конакот во манастирот „Свети Архангели“ во Кучевиште

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска потпишаа Договор за грант од 98.900 американски долари за обнова на конакот  на  манастирот „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во село Кучевиште на Скопска Црна Гора. Конакот е изграден во 17 век и треба да биде обновен за една година. Надлежен за конзервација и реставрација е Конзерваторскиот центар Скопје.

Грантот е обезбеден од Амбасадорскиот фонд за културна заштита, а проектот ќе биде 11-ти во Македонија  што ќе се реализира со средства од тој фонд.

- Амбасадата на САД во Скопје има доделено повеќе вакви грантови од која било друго американска амбасада во Европа. Единаесетте проекти од Амбасадорскиот фонд во Македонија заедно изнесуваат над еден милион долари. Тие се симбол на нашата длабока почит кон уметничката и културната традиција на минатото, како и на нашата постојана посветеност за зачувување на овие богатства за следните генерации, рече амбасадорот Волерс, по потпишувањето на договорот во манастирскиот двор.

Конкуренцијата за средства од Американскиот фонд оваа година била голема – имало 175 апликации од светот, а одобрени 43 гранта. Проектот за обнова на конакот е меѓу седумте во Европа што добиле американски грант во 2012. Волерс и Канческа-Милевска нагласија дека со доделениот грант се потврдува силното партнерство на луѓето во САД и на Македонија.

- Со овој договор продолжуваме со нашите заложби да им обезбедиме долговечност на сите споменици на старата македонска архитектура, но со денешниот чин уште еднаш го потврдуваме партнерството помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, демонстрирајќи заедничка грижа за она што се вели светско културно наследство, рече министерката за култура.

За американската помош се заблагодари и архиепископот г.г. Стефан и рече дека обновата на конакот долго го очекува мајка Марија која 47 години е жителка во манастирот и се грижи за него.

- Денешниот настан ја потврдува вистината дека духовните, културните вредности на еден народ им припаѓаат на сите народи. Искажаната подготвеност за објекти и вредности во Македонија од страна на американската влада се потврдува со помошта дадена и за ова прекрасно светилиште, рече поглаварот на МПЦ и посочи на големиот број цркви и манастири во околината на Скопје.

Конакот што ќе се обновува е изграден во средината на 17 век. Има приземје и кат со простран чардак. Во конакот има фурна и огниште, а низ приземните одаи тече поток. Има уште еден конак, на јужната страна, изграден во  19 век.  Манастирската црква посветена на архангелите Михаил и Гаврил датира од 14 век. Изградена е во периодот меѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Градена е по примерот на црквите на Света Гора. Живописана е во 1591, под ктиторство на свештеникот Никола кој ги ангажирал сликарите. Во тоа време е направен и иконостасот, од кој е зачуван само крстот. Сегашниот иконостас и иконите се од средината на 19 век. Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година.