Министерот Кралев на конференција за наука и технологија во Трст

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска во Трст, Италија, присуствуваше на меѓународна министерска конференција за наука и технологија на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).

На конференцијата, како што соопшти Министерството за образование и наука, присуствуваа 11 министри, заменици-министри или државни секретари, високи претставници од земјите на ЦЕИ и на Европската комисија.

ЦЕИ претставува меѓувладин форум за промовирање политичка, економска, културна и научна соработка меѓу земјите-членки. Нејзина основна мисија е развој на регионална соработка за европска интеграција. Освен Македонија, членки на ЦЕИ се Албанија, Австрија, Молдавија, Белорусија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Полска, Бугарија, Романија, Хрватска, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Италија и Украина.

- Оваа година состанокот беше фокусиран на три елементи кои претставуваат продолжение на декларацијата усвоена едногласно на министерскиот состанок во Трст, одржан минатиот октомври. Главна тема на состанокот беше основањето на конзорциумот за истражувачка инфраструктура на Централна Европа C-ERIC, согласно со новата ЕУ регулатива, соопшти МОН.

Целта на конзорциумот C-ERIC (Central European Research Infrastructure Consortium) ќе биде да го развива европскиот истражувачки простор преку полесен пристап на научните комитети на земјите-членки на ЦЕИ до Лабораторијата за синхротрона радијација (Elettra) и до Лабораторијата за електронски ласер (Fermi).  

Овие две најсовремени лаборатории лоцирани во Трст ќе им овозможат на научниците да вршат најсовремени истражувања во областа на физиката на цврсти супстанции и сродните дисциплини, преку интердисциплинарен приод.

Како што соопшти МОН, во рамките на средбата, е организирана посета на лабораториите Elettra/Fermi, проследена со презентација на Меѓународниот центар за теоретска физика, заеднички управуван од страна на УНЕСКО и МААЕ (Меѓународна агенција за атомска енергија), во седиштето на Центарот, најстарата институција на таканаречениот „Трст систем“ на научни институции.

На крајот на министерската конференција и согласно дискусиите и излагањата на учесниците на собирот ќе бидат донесени заклучоци од страна на секретаријатот на ЦЕИ во согласност со препораките содржани во декларацијата, се додава во соопштението од Министерството  за образование и наука.