Ховит-Бејта: Децентрализацијата треба да ги подобри услугите на локално ниво

Напредокот на Република Македонија во спроведувањето на процесот на децентрализација, како еден од клучните политички критериуми за членство во Европската унија, беше централна тема на денешната средба меѓу министерот за локална самоуправа Невзат Бејта и членот на Европскиот парламент и известувач за Македонија, Ричард Ховит.

Двајцата соговорници по средбата посочија дека децентрализацијата не треба да претставува пренесување на овластувањата од централните на локалните елити, туку со неа да се подобрат услугите на локално ниво. Toа, како што посочија, е процес кој се однесува на сите граѓани на Македонија, а не на одредени етнички заедници.

- Поквалитетни услуги за граѓаните, управување со градежното земјиште, одлуката за зголемување на процентот од ДДВ од 3 на 4,5 птоценти за општините, е само дел од досега постигнатото во процесот на децентрализацијата. Но, за поголема финансиска самостојност на локалната самоуправа е потребно да се исполнат и други барања, нагласи министерот Бејта.

Тој посочи дена еден процент од Бруто домашниот производ  треба да се даде на регионите кои се под капа на Министерството.

Европратеникот Ховит со оценка дека децентрализацијата е важен процес за Македонија на патот кон ЕУ.

- Задоволен сум од тоа што се користат ИПА фондовите кои придонесуваат за зајакнување на капацитетите на локално ниво, рече Ховит.

Тој нагласи дека е постигнат напредок во делот на финансирањето на општините, но со забелешка дека сепак и во овој сегмент треба да се работи со побрзо темпо.

Специјалниот пратеник на УНДП во Македонија, Диадре Бојд изјави дека за овие 10 години земјата има направено исклучителен напредок во процесот на децентрализацијата, но дека е потребно да се постигнете дополнителен прогрес во таа насока.