Компанијата „Џонсон Мети“ доби А-Интегрирана еколошка дозвола

На компанијата „Џонсон Мети“ денеска и беше доделена А-Интегрирана еколошка дозвола, согласно Законот за животна средина.

Вицепремиерот Владимир Пешевски на доделувањето на дозволата рече дека таа е уште еден чекор кој покажува дека компанијата ги задоволува сите стандарди на локално и светско ниво.

- На сите нас во Македонија добро ни е познато името „Џонсон Мети“. Се работи за најсофистицирана компанија и првата која најверојатно ќе ја пробие границата на вкупен извоз од преку 500 милиони евра оваа или следната година, истакна Пешевски.

За нас е важно, нагласи вицепремиерот за економски прашања, компаниите кои се наоѓаат во слободните економски зони целосно да ги почитуваат барањата од државата во однос на еколошките стандарди кои треба да ги исполнуваат.

- Министерството за животна средина и просторно планирање, утврдувајќи дека се исполнети условите за добивање интегрирана еколошка дозвола предвидена со законските и подзаконските акти, и ја издава на компанијата „Џонсон Мети“. Со неа се уредува работата во делот на заштитата на животната средина, појасни ресорниот министер Абдулаќим Адеми.

Конкретно, како што посочи, во однос на складирање и ракување со суровините и помошните материјали, постапките за емисиите во воздухот се мошне софистицирани. Кога станува збор за исполнување на законските услови, според него, „Џонсон Мети“ е пример како и другите компании треба да постапуваат.

Директорот на „Џонсон Мети“ Џатин Таркар изрази задоволство од примање на еколошката дозвола и истакна дека ова е важен чекор за нивниот бизнис. Дозволата, како што рече, е одлична рефлексија на големиот успех кој го имаат во Македонија. Тој им се заблагодари на министрите и на сите останати кои напорно работеле за добивање на дозволата.