Средба на министерот Попоски со делегација на Данското здружение за надворешна политика

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска се сретна со делегација на Данското здружение за надворешна политика предводена од извршниот директор Клаус Карстен Пидерсен.

На средбата, министерот Попоски изразил благодарност за поддршката што Кралството Данска ја дава  во процесите за наше целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури, со уверување дека данската поддршка ќе продолжи и во иднина.

Како што соопшти МНР, шефот на дипломатијата Попоски гостите од Данска ги информирал за приоритетите на надворешната политика на Република Македонија, посебно осврнувајќи се на преземените активности на планот на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО.

Директорот Клаус Карстен Пидерсен  изразил уверување дека поддршката од страна на Данска на стратешките аспирации на земјите од Западен Балкан, што значи и на Република Македонија, за целосна интеграција во европските и евро-атлнтските структури ќе продолжи до постигнување на конечната цел, бидејќи според него, тоа е во интерес и на Европската Унија и на Данска како нејзин член.

На средбата се разменети мислења и за одделни меѓународни прашања а во  тие рамки и за состојбите во нашиот Регион.

Инаку, оваа данска невладина институција е формирана во 1946 година, негов патрон е принцот престолонаследник Фредерик, а почесен претседател е  поранешниот дански министер за надворешни работи Уфе Елеман Јенсен, кого претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во февуари 2010 година, го одликува со Орден за заслуги во афирмацијата на Република Македонија на меѓународен план.