Платформа за развој на компании и иновации обезбедува 145 милиони евра за компании од Западен Балкан

 Македонските компании ќе имаат на располагање 145 милиони евра наменети за иновации и за поголем раст. Средствата ќе бидат достапни од првиот квартал од наредната година преку регионалниот проект  „Платформа за развој на компании и иновации“.

Ова го потенцира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на тркалезната маса во врска со овој проект што во организација на Владата на Република Македонија, Делегацијата на ЕУ и Организацијата на економска соработка и развој (ОЕЦД) се одржа денеска во Скопје.  

Средствата се наменети за инвестиции во иновативни компании и старт ап компании, за инвестиции во веќе етаблирани компании со висок потеницијал за раст, за поддршка на компании при повлекување средства од традиционални извори – задолжување, како и за поддршка при имплементација на регулаторни реформи кај сите земји учеснички во овој проект. Сите земји учеснички во проектот ќе добијат и техничка помош за дефинирање и имплементирање на приоритетите кои државите сами ќе ги дефинираат.  

Целта на платформата, во која освен Македонија учествуваат и Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Албанија и Косово, е подобрување на бизнис климата за создавање, привлекување и искористување нови извори на финансирање.