Продолжуваат реформите во здравството со проектот за централизирана набавка на остеосинтетски материјал

Министерството за здравство од понеделник почнува со реализација на уште еден проект. Станува збор за проектот за централизирана набавка на остеосинтетски материјал (протези за колк, протези за колено, штрафови, плочки и друго) за 11 јавните здравствени установи кои вршат вакви здравствени интервенции. Вредноста на набавката е над 320 милиони денари.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека ова е втора фаза од мерките кои  предвидуваат централизирани набавки на повеќе остеосинтетски материјали, опрема, и лекови и се што е потребно за редовно и нормално функционирање на јавните здравствените установи.

- Продолжуваме со исто темпо, како и досега, со активностите за унапредување на квалитетот на здравствена заштита во ЈЗУ. Нема да дозволиме да запрат сите процеси кои ги почнавме кои беа насочени кон подобрување на општата ситуација во здравствениот систем. Во понеделник ќе закажеме техничкиот дијалог со економските оператори во врска со спецификацијата по која ќе се објави тендерот за набавка на остеосинтетски материјал, посочи Тодоров.

Станува збор за набавка на остеосинтетски матријал за ЈЗУ ТОАРУ (трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар), клиниката за неврохирургија, клиниката за детска хирургија, специјалната болница „Св.Еразмо“, хируршката клиника „Св.Наум Охридски“, Градска општа болница „8 Септември“, за клиничките болници во Штип и во Битола, како и за општите болници во Прилеп, Струмица и Велес.
  
Тој рече дека искуството досега покажало дека ваквиот тип групни набавки придонесува за значително намалување на цената, а се добива и стандардизиран медицински материјал, со ист квалитет на ниво на цела држава.
 
- За илустрација, заштедата од завршената централизира на набавка на инсулин е над 3,5 милиони евра (над 195 милиони денари). Најголемата заштеда беше направена на лентите за мерење шеќер. Лентите претходно беа набавувани по цена од околу 800 денари, а во оваа тендерска постапка се постигна цена од 326 денари, што е помалку од половина од претходната сума. Од групната набавка на леќи што беше спроведена од Министерството за ЈЗУ се постигна големо намалување на цените. Заштедите по овој основ се околу три милиони евра, рече Тодоров.
 
Според него, станува збор за сериозна заштеда на средства кои можат да се искористат за други развојни делови на буџетите на ЈЗУ.
 
- Трет ваков вид постапка која ја спроведовме беше онаа за набавка на вакцини, каде исто така не дозволивме системот да биде уценет и да се склучи договор за набавка на вакцини по цени повисоки од ланските цени за ниту една вакцина. За сите вакцини за кои добивме цени кои се повисоки од ланските веднаш направивме договор за интервентен увоз и само на овие вакцини заштедивме седум милиони денари. Доколку се повторат цените од преговарањето заштедата ќе изнесува околу 37 милиони денари (570.000 евра), истакна Тодоров.

Анализата која ја направи Министерството, посочи тој, покажа дека повеќе ЈЗУ, истата медицинска опрема ја набавуваат по различни цени.

- Во однос на остеосинтетскиот материјал, варијациите на цени беа следни: во  една ЈЗУ се набавувале бесцементни колкови  за  42.760 денари, во друга за 67.065 денари, а во трета дури и за 67.800 денари. На пример, протеза на колено во една ЈЗУ се набавувала за 15.930 денари, во друга за 18.200 денари, а во трета за 31.150 денари. Во различни ЈЗУ, истиот остеосинтетски материјал бил набавуван по различна цена. Заради овој факт, исто како случајот со леќите, Министерството одлучи да реализира централизирани набавки за остеосинтетски материјал, рече Тодоров.

Тој додаде дека реализацијата на оваа јавна набавка е дел од поширок пакет-мерки за подобрување на имиџот и работењето на сите ЈЗУ, а она што е клучно е дека заштедените средства остануваат во здравствениот систем и повторно се вложуваат во други проекти, со кои ќе биде обезбеден континуитет во унапредувањето на условите за лекување, како и за поквалитетна здравствена заштита на пациентите.