Средба Попоски-Аврамопулос во Њујорк

На 67. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк денеска се одржа средба на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос.

Од македонската делегација средбата, која е прва меѓу двајцата министри, ја опишуваат како можност за нивно запознавање. Македонската страна настапила со барање за почитување на времената спогодба и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој пресуди дека Грција не смее да ги блокира македонските интеграции.

Грчкиот министер не дал обврски по ова прашање, наместо тоа од Македонија барал почитување на грчките чувства поврзани со нивната историја.

Аврамопулос воедно сакал да ја претстави Грција како конструктивна страна, која е подготвена да се надмине спорот, и која веќе направила отстапки во однос на употребата на името Македонија. На ова, министерот Попоски одговорил дека мора да се почитуваат и основните човекови права на Македонците, кои имаат право на слободно определување.

Двајцата министри во разговорот се согласиле дека повеќе од 20 години од почнувањето на спорот, односите се значително сменети. Аврамопулос се согласил дека веќе не е валиден првичниот грчки став, дека Република Македонија претставува закана за стабилноста на Балканот и дека има територијални претензии кон Грција.

Генералното собрание на ОН е прво по пресудата на највисокиот суд на ОН во полза на Македонија, а средбите во Њујорк доаѓаат по неодамнешната посета на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун на Македонија.

Аврамопулос, кој е шеф на грчката делегација во Обединетите нации, денеска во Њујорк имаше средба со Бан Ки-мун, како и со посредникот во спорот за името амбасадорот Метју Нимиц. Аврамопулос за грчките медиуми во САД најави дека на овие средби ја претставил Грција како конструктивна страна во спорот за името и дека Македонија е виновна поради тоа што разговорите не одат во саканата насока и притоа од Македонија бара почитување на историјата на Грција.  Аврамопулос најави дека Македонија и статусот на поделениот остров Кипар се главни теми на неговите средба во ОН.