Ставрески: Новите инвестиции се потврда на владините економски политики

Новите инвестиции на холандската VPTEX и германската „Бионика Фармацеутикалс“ се најдобра потврда дека мерките и политиките на Владата, напорите што ги прави да ја подобри бизнис климата, да ги држи ниски даноците и во услови на криза, да им овозможи на компаниите со полесни административни окружувања и одлуки да вложуваат, даваат резултати, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

- Ние постојано работиме на подобрување на бизнис климата и на привлекување на инвеститори, но и на создавање услови домашните инвеститори да вложуваат повеќе. Денеска беше еден ден во кој што имавме можност да отвориме една нова фабрика и да се постави камен темелник на уште една фабрика кои ќе донесат стотици работни места, извоз на македонски производи во Европа, што на некој начин се резултира во практика со се повеќе инвестиции, рече Ставрески.

Тој додаде дека компаниите присутни во слободните економски зони веќе извезуваат производи од Македонија за над 550 милиони евра, што, како што рече, е 16 проценти или една шестина од македонскиот извоз. 

- И  неодамна соопштивме дека ќе ги поддржиме и домашните фирми во нивните напори за инвестирање. Ќе остане на сила мерката за нула посто данок на добивка ако ја реинвестираат  или ако ја задржат, односно доколку не ја распределат во дивиденда. Се разбира ќе останат и мерките за подобрување на ликвидноста на стопанството со навремено исплаќање на обврските. Сето тоа е еден пакет на мерки кој што ја покажува нашата сериозност и грижа за домашните и странските инвеститори, рече вицепремиерот Ставрески додавајќи дека Владата е задоволна што се градат се повеќе нови фабрики во кои се отвораат нови работни места, бидејќи тоа, како што рече е нивна основна цел.