Средби и активности на министерот Попоски во Њујорк

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, присуствуваше на отворањето на Генералната дебата на 67то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Исто така,  учествуваше и на министерскиот состанок на тема: “Водата, мирот и безбедноста“, што заеднички го организираа Обединетите нации, Европската Унија и САД.

Во текот на денот учествуваше и на Трансатлантската работна вечера, на покана на Државниот секретар на САД Хилари Клинтон со своите колеги од земјите-членки на ЕУ и НАТО.  Во своето обраќање, министерот Попоски се осврна на придонесот кој Република Македонија го дава со присуството во НАТО-Мисиите како рамноправен партнер на земјите-членки на Алијансата. Притоа, нагласи дека очекува заслуженото членство на Република Македонија во НАТО наскоро да стане реалност.

На маргините на 67-то Генерално собрание на Обединетите нации, министерот Попоски оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои средба со МНР на Сингапур, К Шамугам и средба со претставници на Американско-Еврејскиот Комитет.

На средбата со колегата од Сингапур беа разгледани можностите за унапредување на економската соработка во доменот на трговската размена и привлекувањето на директни инвестиции во Република Македонија, особено по искажаниот интерес на сингапурските компании за време на одржувањето на владиното „Road show“ минатата година. Министрите разговараа и за поттикнување на размена на студенти во областа на образованието како и за  создавање опции за соработка на дипломатските служби  што ќе придонесе за поголемо зближување на двете земји.