Крејтон: Ирска ја поддржува Македонија да ги почне преговорите со ЕУ

Ирска е пријател на Македонија и силно ги поддржува препораките на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, истакна Лусинда Крејтон, министер за европски работи на Ирска по денешната средба во Скопје со вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи.

Во пресрет на ирското претседавање со ЕУ, Крејтон го поздрави Пристапниот дијалог на високо ниво како конструктивна форма на ангажираност меѓу Европската комисија и Македонија и посочи оти очекува тој да продолжи на конструктивен начин како што и досега беше случај.

Во однос на спорот за името таа додаде дека Ирска смета оти не треба да се меша во билатералните работи меѓу Грција и Македонија, но очекува спорот да се реши што е можно поскоро.

- Ја охрабруваме Владата да продолжи со одличниот процес на реформи особено во слободата на медиуми, изборното законодавство и финансирањето на политичките партии. Ја нагласуваме важноста од инклузивност, помирување, слободата на медиуми и добрососедските односи што исто така е приоритет на вашата Влада, а тука секако е и имплементацијата на Охридскиот договор, рече Крејтон.

Вицепремиерот Арифи истакна дека денешната средба ја искористила да ја информира за постигнувањата во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво и реализацијата на обврските од патоказот со ЕУ при што посочи дека двете се согласиле оти процесот дава голем придонес за приближувањето на Македонија кон Унијата. Подвлече оти очекува поддршката за овој процес да продолжи од сите земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Ирска како наш пријател.

- Многу е битно овој процес да биде отворен и понатаму и да има добар завршеток до крајот на годината, рече Арифи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Арифи рече оти спорот за името не бил дел од разговорите во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво кој, вели, бил претежно фокусиран на прашања што се однесуваат на политичките и економските критериуми за членство во ЕУ.

-Секако дека продолжуваме и ќе продолжиме да бидеме отворени и конструктивни во однос на прашањето и да даваме уште поголем придонес во градење на добрососедските односи со сите земји од соседството и регионот. Очекуваме апсолутно овој партнерски однос на земјите-членки од ЕУ да продолжи како поддршка што ја заслужуваме како граѓани на Република Македонија, рече Арифи.