Со продажба на државно земјиште овозможени инвестици од милијарда евра

Преку продажба на градежно државно земјиште  во изминатите пет години се овозможени инвестици во износ од  1.037.523.120 евра. Инкасираните пари по основ на уплата за купување на земјиштето  заклучно со 2011 година изнесуваат 3.533.545.597 денари или околу 57 милиони евра.

Анализата на  активностите за управување со градежното земјиште покажала оти Министерството за транспорт реализирало голем број постапки за оттуѓување  неизградено градежно земјиште сопственост на Република Македонија од што се овозможени инвестиции во износ од 1.037.523.120 евра, информира денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

- Дел од тие инвестиции се веќе реализирани, односно изградени и нивната вредност е во износ од 91.250.000 евра, дел се во фаза на изградба со вкупна вредност од 539.929.000 евра, а дел е предвидено да бидат реализирани во следниот период и за тие вредноста е проценета на 406.344.120 евра, рече Јанакиески.

Јавните наддавања резултирале со склучени 955 договори со инвеститори. Веќе се изградени вкупно 142 објекти, односно 14,86 проценти од вкупниот број  продадени градежни парцели по пат на јавно наддавање, а во тек е изградбата на 291 објект. За 480 објекти, односно околу 50 проценти,  се уште се во тек роковите, но не е отпочната градбата или се во фаза на подготовка, или во фаза на почнување односно добивање одобрание за градење. За 42 локации односно 4,39 проценти се раскинати договорите поради непочитување на дадените рокови, односно услови согласно законските одредби и објавените јавни објави.

Министерството за транспорт и врски има интегриран електронски систем кој ја следи реализацијата на сите склучени договори за отуѓување на градежно државно земјиште и преку него практично е невозможно да се превиди каков било рок даден во некој договор, рече министерот за транспорт.  

Тоа, посочи, е со цел доследно спроведување на склучените договори, а  ако се констатира прекршување на некоја од одредбите, Министерството  за транспорт по добивање мислење од Државното правобранителство поведува соодветни постапки за раскинување на договорите.

Според Јанакиески, од среда следната недела ќе има објави за продажба на 30-ина државни локации кои согласно деталните урбанистички планови се наменети за изградба на хотелски комплекси, индустриски објекти, винарии, откупни центри и комерцијално-деловни згради.

Од јули минатата година е овозможено општините самостојно да го вршат управувањето со градежното земјиште кое е во сопственост на државата. Досега вкупно 39 општини се здобија со правото да отуѓуваат и даваат под закуп неизградено градежно земјиште затоа што ги исполниле сите обврски согласно Законот за градежно земјиште и веќе има голем број склучени договори што дополнително придонесува кон овозможување нови вработувања и зголемен економски развој.

Со цел поттикнување на натамошниот развој на општините, Владата уште пред четири години овозможи 80 проценти од парите за отуѓувањето, односно закупот на државното неизградено градежно земјиште да се слеваат во буџетот на самата општина во зависност од местоположбата во која се наоѓа предметното градежно земјиште, посочи Јанакиески.