Средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Процесот на соработка на ЈИЕ

Во рамките на македонското претседавање со Процесот на соработка на Југоисточна Европа вчера во Њујорк се одржа неформална средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на оваа регионална иницијатива.

Како што соопшти денеска Министерството за надворешни работи, министерот Никола Попоски ги презентирал приоритетите и планираните настани за време на македонското претседавање со  Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во периодот  јуни 2012 – јуни 2013 година.

- Во обраќањето во својство на претседавач Попоски се заложи неформалните министерски состаноци во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации да станат редовна традиција, при што повика и на поголема консолидација на регионалните иницијативи и зајакнување на улогата на национални координатори на ПСИЈЕ во насока на зголемување на комуникацијата на регионалните актери, се вели во соопштението од МНР.

На средбата биле разменети мислења за унапредувањето на добрососедските односи, конкретни иницијативи за подобрување на регионалната соработка и за Европската и Евро-атланската интеграција на земјите од Регионот. На средбата земјите-членки се согласиле дека регионот има заеднички именител - Европската перспектива и дека идејата за ЕУ/НАТО претставува долгорочна стабилност за регионот.

На состанокот било нагласено дека земјите членки на ЕУ треба да бидат движечка сила за интеграција на другите земји од регионот и оти тие треба да пропагираат натамошна ЕУ интеграција на Балканот.

- Идеите презентиранои од претседателството беа потврдени од страна на Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Хидо Бишчевиќ. Тој ги реафирмираше заложбите и повика на поконкретна соработка како таа на проекти за регионална економска обнова, на пример реконструкција на железничкиот сообраќај, се вели во соопштението.

На средбата присуствувале министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСИЈЕ, освен Грција, Молдавија и Србија чие што претставување било на ниво на амбасадор, како и Генералниот секретар на Регионалниот Совет за соработка, Хидо Бишчевиќ. На дел од состанокот учествувал претседателот на Генералното Собрание на ОН Вук Јеремиќ.

Министерот Попоски учествувал и на работниот појадок на ЦЕИ, а присуствувал и на обраќањето на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на Генералната дебата во ОН.