Првпат обуки и полагање испити на државни службеници во МИОА според меѓународно признати методи

Десет државни службеници од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) добија сертификат за проектно работење според меѓународно признати методи. Сертификатите PRINCE 2 на вработените во МИОА денеска им ги доделија министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон.

Обуката и полагањето испит за  вработените во МИОА е дел од проектот „Поддршка на реформата на јавната администрација“, со финансиска помош на Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија.

- Ова е првпат во администрацијата на Република Македонија, државни службеници да се обучуваат и да полагаат испити според меѓународно признати методи за успешно управување со проекти, што претставува уште еден доказ за посветеноста на Владата во унапредувањето на работењето во администрацијата, според меѓународни норми за квалитет, рече  министерот Иво Ивановски.

Според амбасадорот Ивон, добивањето сертификати PRINCE 2 претставува голем чекор во професионалното напредување и извршување на задачите на вработените. 

- Стандардот за проектен менаџмент врз основа на методологијата на PRINCE 2 е еден од водечките во светот и се користи за високо профилирани проекти, како што се на пример Олимписките игри во Лондон 2012, кои беа перфектно изведени,  нагласи британскиот амбасадор.

Придобивките од примената на PRINCE 2 во секојдневното работење овозможуваат унапредување на процесите во утврдување на приоритетите и дијагноза на состојбите во секторите во кои работат, подобрување на планирањето, воспоставување систем на контрола и унапредување на квалитетот во работењето, подобра комуникација и тимска работа,...  Стандардот за проектен менаџмент е развиен од  британската Влада, а се администрира преку меѓународни тела и организации сертифицирани за негова натамошна примена.