Министерот Димовски се сретна со индиски бизнисмени

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска се сретна со претставници од мултинационална компанија од Индија, која се занимава со преработка на земјоделски производи.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тие во Македонија се дојдени за поблиску  да  се запознаат со дел од бизнис заедницата која се занимава со преработка на земјоделски производи и можностите за откуп и извоз на нивното производство.

Министерот Димовски истакна дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи. - Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи поради поволните климатски и почвени услови. Во Македонија за разлика од другите земји во регионот се произведуваат раноградинарски производи кои се препознатливи и на европските пазари, а тоа пред се се должи на строгата фитосанитарна контрола и на употребата на современи агротехнолошки мерки. Нашата земја е голем произведувач на домати, кромид, јаболка, праски, кајсии и цреши, производи кои во најголем дел се извезуваат на пазарите на ЕУ, а во последните неколку години и на рускиот пазар каде се бележи огромно зголемување на извозот, истакна Димовски.

Гостите изразиле благодарност до министерот Димовски за средбата и за исцрпните информации за состојбите и можностите на македонското земјоделство, како и подготвеност доколку најдат заеднички интерес со компаниите од преработувачката индустрија повторно да ја посетат нашата земја за склучување конкретни договори.