Премиерот Груевски и министерот Тодоров присуствуваа на пуштањето во употреба на реконструираните крила на ЈЗУ Специјална болница „Јасеново“

Претседателот на Владата Никола Груевски придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров присуствуваше на пуштањето во употреба на целосно реконструираните прво и трето крило на ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Јасеново“.

Станува збор за болница која е изградена во далечната 1948 година и од тогаш до денес има извршено многу мали зафати само на определени делови од установата.

- Проектот кој го спроведуваме чини 130 милиони денари од кои веќе една половина се вложени во реконструкцијата на првиот и третиот павилјон. Во првиот павилјон целосно е реконструиран амбулантскиот дел додека третиот е лежечкиот дел од установата. Сакам да потенцирам дека во текот на целата реконструкција е водено сметка и за енергетската ефикасност, односно поставени се сончеви колектори кои обезбедуваат вода за целата установа, изјави министерот Тодоров.

Оваа установа, нагласи министерот, функционира одлично затоа што практично воопшто нема долгови односно ги покрива сите трошоци на работењето и преку успешен начин на менаџирање на здравството покажува како треба да се функционира.

- Очекувам во текот на наредниот период ќе почнемеи со вториот дел од реконструкцијата на останатите две крила со што комплетно ќе биде променета сликата на оваа над 60 години стара здравстена установа која има голем број пациенти не само од Велес, туку и од целата земја и доста обучен кадар, додаде Тодоров.

Тодоров истакна дека дополнителна опрема за болницата е веќе доставена. Доставени се анализатори, ехо апарати, и тн. И во тој дел, како што рече, болницата одлично е опремена. - Имаме идеја да видиме дали можеме стариот компјутерски томограф од Штип да го пренесеме во оваа болница и доколку успееме да ги надминеме одредените технички проблеми тогаш би го донеле тука и би имале врвна дијагностика во оваа здравствена установа, подвлече Тодоров.