Министерот Попоски престојуваше во работна посета на Шведска

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска оствари работна посета во Кралството Шведска. За време на еднодневниот престој во Стокхолм, Попоски оствари средби со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Карл Билд, министерот за европски работи, Биргита Олсон, министерот за трговија Ева Бјорлинг, претседателот на Комисијата за надворешни работи на Парламентот на Шведска и со членови на Пратеничката група за соработка на Парламентот на Шведска со Собранието на Република Македонија.

Во фокусот на разговорите со министерот Билд, соопшти МНР, беа стратешките приоритети на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ, а во тој контекст и нашите очекувања од престојниот извештај на ЕК за напредокот на нашата држава во остварување на евроинтегративните реформски процеси.

Шефот на шведската дипломатија, Билд ја истакна целосната поддршка на Шведска на евроинтегративниот процес на Република Македонија. Едновремено, ја нагласи заложбата на Шведска за одржување на кредибилитетот на процесот на проширување на Унијата.

Од своја страна, министерот Попоски исцрпно ги елаборираше реформските постигања на Република Македонија во остварување на критериумите за членство во ЕУ, нагласувајќи ја при тоа заложбата за соодветно вреднување на индивидуалните резултати и постигнувања на секоја земја одделно.

Шефот на македонската дипломатија порача дека Република Македонија максимално се ангажира во остварувањето и испорачувањето на резултатите од реформите.

Во контекст на регионалната соработка, Попоски информираше за актуелното македонско претседателство со ПСИЈЕ, истакнувајќи ја иницијативата за соработка на Процесот со Нордискиот совет, како успешен модел за регионална соработка.

Шведскиот министер, стои во соопштението, со задоволство го прифатил предлогот, дополнувајќи дека регионалната соработка треба да биде насочена кон иднината, а не оптоварена со историјата.

Централна тема на средбата со министерот за европски работи, Биргита Олсон биле очекувањата од најновиот извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија. Притоа, министерот Попоски информирал за главните сфери од поглавјата 23 и 24, како и за заклучоците од последниот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и РМ.

На средбата со министерот за трговија на Шведска, Ева Бројлинг беше иницирано интензивирање на трговската соработка меѓу двете земји во повеќе области и приближување на двете бизнис заедници, меѓу другото, и преку организирање на  бизнис форуми, како што ќе биде претстојниот Глобален инвестициски самит, што ќе се одржи во октомври годинава во Охрид.

Во разговорот со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Парламентот на Шведска, Софија Аркелстен, како и на средбата со членовите на Пратеничката група за соработка на Парламентот на Шведска со Собранието на Република Македонија, е изразено задоволството од досегашната соработка меѓу двата Парламента со заложба за натамошно интензивирање на контактите и соработката меѓу парламентарните групи.

Во рамки на посетата на Стокхолм, министерот Попоски, во организација на Канцеларијата на Европската комисија во Шведска, одржа предавање на тема „Пристапувањето на Македонија кон ЕУ: долг и кривулест пат“.