Потпишан Договор за доделување грант на Министерството за здравство за обука на 20 лекари во Љубљана

Mинистерот за здравство Никола Тодоров и директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров денеска потпишаа Договор за доделување грант на Министерството со кој се дефинира соработката меѓу Министерството и Институтот за онкологија од Љубљана за обука на 20 лекари од кои 10 специјалисти радиолози и 10 радиолози-техничари.

Ова денеска го истакна министерот Тодоров, кој рече дека грантот во висина од 39.660 евра е во рамки на програмата „Леонарди Да Винчи“, а како дел од потпрограмата „Доживотно учење“ на Европската комисија која децентрализирано ја менаџира за Република Македонија. 

- Станува збор за обука на 10 тима (доктор и радиолошки технолог). За секој тим е предвидена повеќенеделна обука што ќе се реализира во Љубљана, по што тие ќе се здобијат со практично знаење за начинот на спроведување на скрининг на рак на градите на жените, посочи Тодоров.

Целта на овој скрининг, како што рече, е пред се откривање на најмалите промени кај жените кај кои нема симптоматологија дека се заболени од малигно заболување.

- Предвидените обуки ќе се реализираат од ноември до април 2013 година и ќе се одвиваат во повеќе групи и подразбираат пред се работа согласно Европскиот водич за скрининг на рак на дојка. Специјалистите кои ќе партиципираат во проектот и кои ќе бидат испратени на обука ќе се здобијат со практични знаења на европско ниво, потенцира Тодоров.

Тој истакна дека програмата Леонардо Да Винчи овозможува соработка во областите на стручно образование и обука за институциите од Македонија со цел доделување грантови кои поддржуваат размена на најдобрите практики на персонал, ученици, вработени, стажанти, обучувачи и невработени лица на европско ниво.

-  Сето ова се дел од активностите на Министерството за рано откривање на малигни заболувања и е во рамки на нашата програма за едукација на лекарите. Наша главна цел е овие активности постепено да преминат во целосно организиран скрининг на рак на дојка на целата територија на Македонија, додаде министерот Тодоров.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Димитров рече дека програмата „Доживотно учење“ им овозможува на лицата кои се во кој било степен на нивните животи да се вклучат во едукативни активности насекаде од Европа.

Програмата, информира тој, има четири секторски потпрограми кои се фокусираат на различни нивоа на образование и обука.

- Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во рамки на програмата „Доживотно учење“ и „Млади во акција“, досега грантираше над милион и 300 илјади евра, преку склучување на 109 договори за грант со различни корисници од различни сфери на образованието, рече Димитров.

Тој додаде дека еден сегмент од програмата, е и програмата „Леонарди Да Винчи“ во рамки на која Националната агенција досега потпиша 27 договори за грант и додели 372.000 евра.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тодоров рече дека планирано е отворање на онколошки центри во Битола и во Штип, а 10-те тимови составени од доктор и радиолошки техничар ќе бидат не само од Скопје, туку и од други градови во Македонија. Тој најави дека имаат доволно средства за скрининг на рак на дојка, а наредната година ќе бидат одвоени повеќе средства.