Министерот Кралев ги посети учениците во Кампот за мултикутурата во Охрид

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска ги посети децата учесници на Кампот на мултикутурата што ресорното Министерство во рамки на проектот за мултиетничко образование го организира во Охрид.

- Имајќи го предвид милтиетничкиот карактер на земјата, интеграцијата е процес кој го засега целокупното општество и сите негови димензии, но цениме дека мултиетничката димензија на образованието е еден од приоритетите, рече Кралев нагласувајќи притоа дека другарувањето на децата преку игри, културни настани, изложби, претстави, посети на културно-историски споменици, заедничките патувања се основи за добар соживот и почитување на разликите.

Тој додаде дека овој проект меѓу другото има за цел да даде стимул за активен придонес, не само на наставниците и професионалниот кадар на училиштата, туку и на родителите, што е неминовно за успех на иницијативата.

- Процесот на интегрирано училиште треба да го сфатиме како еден сеопфатен процес во кој активно ќе бидат вклучени сите клучни актери – учениците, наставниците, родителите, како и пошироката заедница, додаде Кралев.

На Кампот на мултикултурата што од 29 септември до 5 октомври се одржува во Охрид, учествуваат 98 ученици и 16 наставници, припадници на сите етнички заедници во Македонија од 24 основни училишта од осум општини.

- Импресионирам сум од она што го видов тука, од она што го прават децата. Верувам дека ова е вистинскиот начин за промоција на интегираното образование, оттаму што она што се случува тука навистина е вистинската слика за начинот на кој треба да се одвиваат наставните и образовните дејности, додаде министерот Кралев.

Целта на кампот што се реализира под мотото „Сите сме исти“, а со финансиска поддршка на Амбасадата на Кралството Норвешка, е преку едукативни и социјални активности да се поттикнат децата на меѓусебна интеракција и комуникација, кои понатаму ќе ги преточат во заемна доверба, соживот и отстранување на предрасудите и стереотипите.

Според програмата, предвидено е до крајот на оваа календарска година во рамки на проектот за мултиетничко образование  да се реализираат уште два вакви кампови.